„Pappa” (Татко) е краток анимиран филм што светска премиера ќе има на Берлинскиот филмски фестивал во февруари годинава, како дел од официјалната селекција на кратки филмови на фестивалот. Филмот е продуциран од Норвешката компанија Gimpville од Осло, а голем дел е изработен во Македонија од страна на уметничкиот тим на Линкс Студио од Скопје.

Како што информира Марко Угарковиќ, извршниот продуцент на Линкс, продуцентот од Gimpville го контактирал студиото поради изгледот на трејлерот за Јон Вардар против Галаксијата, им се допаднал стилот на боењето што им се чинел оригинален и несекојдневен според денешните стандарди за современа анимација, па така започнала нивната соработка.

– Многу сме горди бидејќи ова е прва наша селекција на фестивал од А категорија, а посебно поради фактот што „Татко“ е во конкуренција со кратки играни филмови, а не во специјализирана селекција за анимиран жанр. Се надеваме дека филмот ќе има долга и успешна фестивалска кариера и дека ќе се закити со многу главни награди, поради тоа што приказната е прекрасна и стилот на анимација е невообичаен, но одлично функционира со сценариото, вели Угарковиќ, стои во соопштението од Линкс Студио од Скопје.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/01/2019 16:29