Италијанскиот хегемон Јувентус беше детрониран од Купот на земјата по четири годишно владеење!

„Бјанконерите“ беа елиминирани од Аталанта, која го совлада шампионот со 3:0 на својот стадион „Атлети д’Азури“ и се пласираше во полуфиналето, каде што ривал во два натпревари ќе им биде Фиорентина.

Успехот на „сино-црните“ беше целосно заслужен откако тимот од Торино се претстави многу слабо, но сега немаше кој да ги спаси, како што се случи против Лацио (2:1) минатиот викенд. Херојот од „Олимпико“ Жоао Кансело овој пат се претвори во трагичар, откако имаше главна вина за голот на Тимоти Кастан за 1:0 во 37-та минута. Само 120 секунди подоцна кошмарот на „Старата Дама“, Дуван Сапата ја удвои предноста, а на крајот повторно тој се запиша за конечни 3:0!

Покрај елиминацијата, Јуве доби уште една многу лоша вест. Капитенот Џорџо Киелини се повреди и ја напушти принудно играта во првото полувреме. На негово место се појави токму Кансело.

Аталанта пак го победи рекордерот по титули дома за прв пат од 2002 година, а од тогаш поминаа 14 натпревари – 10 порази и 4 реми.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/01/2019 10:22