Кога ќе ѕирнете во нејзината кујна ве опива мирисот на љубов изникната и прелеана врз делата на уметник која од безлична смеса приготвува плодови од природата: јаболка, модри сливи, круши, овошни купови, па шипки , сончогледи, но и булки, каранфили, трендафили…
Нела Цветановска е академски сликар, вајар , под-отсек дизајн на индустриска керамика.
Околу две и пол децении е активен уметник, работи како професор по ликовна уметност, најпрвин во кривопаланечката гимназија, подоцна во основното училиште во градот, а од 2014 година е наставничка во Основно училиште”Христијан Тодоровски -Карпош”, Ранковце.
-И во уметноста како во животот-каква енергија пружаш, таква се пресликува и враќа. Јас уживам во создавањето на моите дела, во нив внесувам енергија, потребна е позитивна енергија, емоции. Емотивец сум, покрај креативец. Скулптурата ми е специјалност, но во нашето општество не може да се заработи од вајарство, а тоа не се работи од комерцијален аспект. Ова што го изработувам сега е мој специфичен, уникатен начин и стил на творење. Смесата ја приготвувам по мој “рецепт”: цемент, гипс, брашно, дрвофикс и останати состојки кои ги моделирам и обработувам во уметнички дела, форми од природата. Од неа црпам инспирација, па, всушност, природата е најголемиот и совршен уметник, вели Цветановска.
Импресивни се создадените дела, секое со многу детали извајано во форма речиси идентична на природната.Најголемиот дел од нив се ахроматски, но таа вели дека на нив има осумдесет нијанси на сиво.
-Низ моите дела испраќам порака дека во светот не е се толку црно, има осумдесет тонови на сиво, секој треба да стреми кон нијансите кои имаат доза светлина, белина, надеж. Кога создавам комерцијални дела, а вметнувам детаљ кој е обоен, пандан на просторот, по желба на купувачот. Ги продавам делата, но не прескапо, толку колку да го покријам трошокот за материјали и да набавам нови. Мои дела има во многу домови во градот, државата, надвор од границите на Македонија. Голем број роднини, пријатели, соседи поседуваат уникатни парчиња слики, кои на мое задоволство, ги обожуваат. Не бројам колку дела сум создала досега, ниту сакам да правам самостојни изложби, јас сум среќна што хармонија владее во мене дури творам, дури работам со учениците, што моите три деца се здрави, рече Цветановска.
Продукцијата на создавање на годишно ниво се движи од педесетина до сто дела.
Член е на друштвото на ликовни уметници на Македонија, редовно е застапена на годишните изложби на ДЛУМ, на зимскиот салон во организација на ДЛУМ, за кој, дела позајмува од оние што им ги подарила.
-Оние дела што ми се посебно драги, ги подарувам на драги луѓе, кои ги отстапуваат за елитните годишни изложби на ДЛУМ, каде секогаш сум застапена. Сега последната изложба во декември се претставив до голем диптих кој го поседува сестра ми. Колекционер на мои дела е внуката Љупка. Кога работев портрет во еден период, бев исклучително добра, а кога би била во некој побогат свет, одлично би заработувала за живот од тоа,од уметноста. За жал, кај нас не е така, а јас пак, сум пресреќна во овој свет и простор каде живеам, имав понуди за работа во странство, но не заминав. Јас сум многу едноставна, мојот свет е овде и верувам дека сум тоа што сум поради сето она што овде го имам, мојот мир, ритамот на функционирање, рутините на пиење кафе, муабет со сопругот, ситниците, додава Цветановска.
Зад себе има илјадници дела, а само една единствена самостојна изложба, првата, од 1997 година, насловена “Родилни маки”. Учествувала на над стотина национални и интернационални изложби.
-Првите изработки ми беа дрвени, скулптури од корени на дрво, со сите природни форми, обработени со машините на татко ми. Коренот е цврст, тешко се моделира, но е инспирација сам по себе, со животот кој го дава при допир со земјата. Инаку, моите дела, пред се, наградуваните скулптури, се оставени во галеријата на ДЛУМ. Станува збор за скулптури-минијатури, прогласувани и за “скулптури на годината” и кога државата треба наградува, ред е да возвратиш, да ги дариш за колекцијата на државата која во иднина поседувајќи ги ќе ме претставува мене и мојата уметност. Тие се многу поразлични, композициите се еден вид налик на метал, со форми на луѓе-моја претстава за човекот на иднината, современ, со вградени вештачки делови. Создадов дело и за градот, се наоѓа во музичкиот кабинет во ООУ “Јоаким Крчовски”, а кога ќе се преуредување просторот, градот може да го превземе. Имам и неколку изработки од полиестер, “Женски и машки принцип” и би сакала да ги ставам на подлога и да ги подарам на општината, рече Цветановска.
Рече, не твори за афирмација, плодотворна е, прави нешто што ја исполнува, но не сака експонирање.
Со години е во образовниот процес, вели дека со текот на годините креативноста и се намалува, но затоа, на своите ученици им пренесува љубов кон уметноста, за што говорат бројните наградени творби на конкурси во и надвор од друга.
– Условите за работа се разликуваат од едно до друго место, но екранот и енергијата зависат од вашата расположеност. Мене добрата енергија и мисла ми значат се. Тргнувајќи од хигиеничарот на работа, кој со насмевка ме дочекува секое утро, до учениците од подрачните одделенија во Герман и Псача.Со ист жар и љубов работам и со триесет и со само три ученици, а резултатите сами по себе доаѓаат. Нема месец без награди и признанија од разни конкурси, следиме се, од МОН, интернационални конкурси, па твориме, од различни материјали: стари милина, капачиња и рециклирачки нешта, а досиејата на учениците се богатат.Тоа ме носи напред, ме инспирира и ми значи се, не материјалното, не пофалбите, туку задоволството на душата, дополни Цветановска.
Необично,но Цветановска уште по завршувањето на средното уметничко училиште во Скопје, при конкурирање на Ликовната академија, го изработила и својот автопортрет, насловен “Ин мемориам”.
-По мала доработка во цемент и бетон, ќе бидам задоволна од тоа што ќе го оставам зад себе после себе, зашто не верувам дека друг може да изработи моја биста подобро од мене. Секој човек е уметничко дело на природата, а се што се создава тргнува од реалноста, оди до апстракцијата, така и човекот, заврши Цветановска.
Ирена Димитровска