За новиот филм на Теона Стругар-Митевска „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ закажани се осум проекции во 11-те дена на Берлиналето кое почнува вечер, а билетите се веќе распродадени. Официјалната премиера на првиот македонски долгометражен игран филм во натпреварувачката селекција во Берлин ќе биде в недела, 10 февруари, во 16 часот.

Голем дел од екипата на филмот заминува на Берлин утре. Покрај режисерката Теона Стругар Митевска и продуцентката Лабина Митевска, ќе присуствуваат и дел од актерите: Зорица Нушева – која го игра насловниот лик, Симеон Мони Дамевски, Суад Беговски, Стефан Вујисиќ, Виолета Шапковска, Џевдет Јашари и Бајруш Мјаку. На денот на премиерата ќе биде приредена и специјална македонска вечер со македонскиот бенд „Фолтин“.

-На Булеварот на ѕвездите „Allee der Sterne” од минатата недела веќе се поставени и огласни табли со официјалниот постер на „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, а првата премиера ќе биде прикажана на 10 февруари од 16 часот пред повеќе од 1800 посетители меѓународна публика. Првите проекции се закажани уште пред официјалната премиера, на 7 и 9 февруари, кои се ексклузивни затворени и и организирани од страна на францускиот агент за продажба „Пирамид“ за заинтересираните купувачи, додека на денот на премиерата, 10 февруари, филмот прво ексклузивно ќе биде прикажан пред новинарите, по што ќе следува и официјалната прес-конференција со екипата на македонскиот претставник за „Златната мечка“, соопшти продукцијата „Сестри и брат Митевски“.

Светската премиера на филмот ќе биде в недела во 16 часот во главната сала Berlinale Palast, а следниот ден, 11 февруари, се закажани две прикажувања, од 9:30 и од 18:15 часот во големата сала Friedrichstadt-Palast, која има капацитет од 1900 седишта.

– На 12 февруари филмот ќе биде прикажан и во локалното кино „b-ware! Ladenkino” во рамки на специјалните прикажувања „Berlinale Goes Kiez” чија цел е да го доближат Берлинале до локалните уметнички киносали во Берлин. На овој начин фестивалот им оддава почит на киносалите кои ја поддржуваат кинокултурата во текот на целата година. Во исто време, преку овие специјални прикажувања на публиката ѝ се дава можност да ја проследат селекцијата на Берлинале во нивната локална населба, но и да разменат мислења и коментари со авторите на филмот. Дополнително прикажување е закажано и на денот на затворање на фестивалот, 17 февруари, во „Haus der Berliner Festspiele”, наведува продукцијата на филмот.

Соопштува и дека на 12 февруари од 14 часот во театарот „HAU2“, сестрите Лабина и Теона Митевски ќе одржат мастер клас во рамки на програмата „Berlinale Talents”.

Берлинскиот филмски фестивал секоја година привлекува над 350.000 посетители од целиот свет и 4.500 акредитирани новинари.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/02/2019 15:54