Во глобална поетска акција на „Светското поетско движење за свет без ѕидови“ овој месец во повеќе од 130 држави низ светот се одржуваат поетски читања и настани сплотени со танц, музика, филм и театар. Во Скопје во кафе галеријата „Котур“ вечер ќе се одржи поетско читање и авторски портрети на кое ќе учествуваат поетите Катица Ќулавкова, Долорес Атанасова-Лори, Ѓоко Здравески, Јулијана Величковска, Јосип Коцев, Исток Ј. Улчар, Андреј Ал-Асади и Наташа Сарџоска.
По поетското читање ќе следи проекција на документарниот филм за полскиот поет Адам Загајевски, добитник на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата. Режисер на филмот е Диме Ратајкоски.
Светското поетско движење (World Poetry Movement) е непрофитна организација и меѓународно поетско движење, основано од 140 поетски фестивали ширум светот, 131 поетски проекти, 1305 поети од 138 нации од сите континенти. Се залага за мир, социјална правда, соживот меѓу народите и заштита на земјата, преку одржување глобални поетски акции.
Исто така Светското поетско движење се залага за свет ослободен од секаква дискриминација меѓу луѓето поради нивната боја, национална или верска припадност, род, социјална положба и верувања. Неговата мисија е да придонесе за создавање на еден поинаков и непрекинат хуманизам на 21 век и за интеркултурен дијалог остварен преку братскиот и универзален јазик на поезијата, како и да изгради пат кон преобразба и обнова на свеста на едно човештво за мир, кое ќе биде помирено со природата и културната разноликост, како и кон правда и социјално учество за сите жители на оваа планета.