Министерството за култура денеска на својата веб-страницата (www.kultura.gov.mk) ги објави резултатите од годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2019 година по дејности и области.

Предложена е поддршка за 2.781 проект од вкупно пристигнатите 5.560 проекти.

– Поддржани се издржани и добро аргументирани проекти, конципирани со квалитетни уметнички содржини, проекти преку кои се негува и поттикнува културниот диверзитет, уметничкото творештво и културниот развој. Значајна поддршка е дадена и на проектите преку кои се промовираат еднакви можности за сите (мултикултурни вредности во општеството, родова рамноправност, инклузија на лица со посебни потреби, социјално ранливи групи итн.), Во Годишната програма за 2019 година се рефлектирани и приоритетите на Министерството за култура за соодветна заштита и промоција на културното наследство во согласност со современите европски практики, зајакнување на независниот културен сектор како важен социокултурен чинител, промоција и пласман на културата на Република Македонија во меѓународни рамки, како и реализација на капитални проекти и инвестициски вложувања во Скопје и градовите низ државата, информираат од Министерството за култура.

Оттаму додаваат дека процентот на учество на Министерството за култура во финансирањето на проектите е во согласност со средствата предвидени за финансирање проекти од национален интерес во Буџетот на Република Македонија за 2019 година и бодирањето на стручната комисија од областа. Годинава, за прв пат е воведено и вредување на проектите преку бодирање, кое беше објавено заедно со поддржаните проекти.

По добиеното решение може да се поднесе жалба во рок од 15 дена до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, но, жалбата не го одлага извршувањето.

Претседатели на комисиите кои ги разгледуваа пристигнатите пријави по одделни дејности се: Леонора Сејдиу (интердисциплинарна дејност), Плеурат Гаши (фолклор, музичко-сценска дејност), Бертон Сулејмани (издавачка дејност), Петар Арсовски (драмска дејност), Трајче Блажевски (визуелни уметности), Миле Велчовски (недвижно културно наследство), Мила Шурбановска (музејска дејност и нематеријално културно наследство), Вилдане Идризи (библиотечна дејност).

Повикот за националните установи, пак, беше објавен во јуни минатата година и во рамки на законски утврдениот рок беа доставени 1.630 пријави од над 60 национални установи во областа на културата што функционираат под надлежност на Министерството за култура. Од нив беа поддржани 910 проекти.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/02/2019 13:36