Режисерката Зоја Бузалковска со писмо до Зоран Заев, даде оставка од Советот за култура поради Годишната програма на Министерството за култура.

„Кога во септември 2016 година ме поканивте како експерт од културата на трибина со тема: “Кои треба да бидат итните реформи кои новата влада ќе ги преземе во првите шест месеци?”, претпоставувајќи или надевајќи се дека токму Вие ќе ја предводите новата влада, зборував во 5 точки. Таму меѓу другото реков: „Потребна е итна ревизија на Законот за култура, во насока на ослободување на институциите во културата од политичко влијание, како и донесување одлуки за уметнички прашања. Да се спроведе децентрализација како системско решение. Министерот не смее да избира и да поставува директори на институциите од културата, особено што тоа во изминативе скоро две децении се прави по партиски клуч. Културата мора да ѝ се врати на самата фела. Менаџерското и уметничко раководство, како и креирањето на политиката на куќата со која тие раководат, мора да бидат во рацете на самите професионалци, на самите вработени.

Но НАЈВАЖНОТО што на таа трибина го реков, беше: „Најсуштинското прашање за мене е, дали оној кој ќе практикува власт во Република Македонија во наредниот период, ќе ја разбере улогата на уметноста? Дали ќе разбере дека ова што се случува во моментов во државата, ова што ѝ се случува во повеќедецениски период и особено во последните десет години е директно врзано со едни тенденции за маргинализација на културата и уметноста во однос на економијата во раните фази на развој на државава и злоупотреба на културата и уметноста во подоцнежната фаза која трае до денес?

Културната матрица во која се формираат личности во изминатиов период е застрашувачка и сосема погрешна, оди до размери на губење на идентитетот и се привикнува на стиропор, лавчиња и невкус. Каде е местото на културата во образованието? Каде е местото на културата во медиумите? … Сакаме јасна порака дека некој во оваа држава разбира колку е важно децата да влезат во театар – вистински театар од најмала возраст и тоа да не е полчасовно правење муабет со нив од сцената, туку вистинска претстава, која ќе ги маѓепса и ќе ги натера тука веднаш да се вљубат во театарот; сакаме јасна порака дека разбирате колку е важно децата да влезат на изложба (еве во моментов можам да се сетам само на една во Скопје по осамостојувањето, која ме потсетила на Париз – онаа на Личеноски во МСУ), после која ќе посакаат повторно да дојдат, а да не бидат присилени на тоа… и да не набројувам во сите области…Сѐ додека не разбереме дека културата не смее да биде ставена под ТОЧКА – РАЗНО, ќе имаме вакво гласачко тело и ќе мора да ги живееме своите животи на улица, а не онаму каде што ни е местото и каде што сме попродуктивни“.

И како постапивте Вие, г-дине Заев, откако „се консултиравте“, меѓу другите, и со мене? Вие г-дине Заев, не ја ставивте културата ПОД ТОЧКА РАЗНО, вие ЈА ЖРТВУВАВТЕ! Секогаш кога Ви е потребен „пазар“ за одлуки и гласови, прво посегнувате по КУЛТУРАТА и по ОБРАЗОВАНИЕТО! Тоа само говори за тоа, колку Вие и не го разбирате нивното огромно, суштествено значење за една држава, и посебно за нашава, која претендира да биде дел од едно пошироко европско семејство (бидејќи, сфаќам, тоа Ви е во моментов најважно).

Многу е важно да разберете дека над тие два министерски ресора треба деноноќно да бдеете и да стравувате за секоја погрешна одлука или невнимателно направен чекор, уште од изборот на министрите, па сè до нивните вакви или онакви одлуки и потези!

Резултатите од погрешните политики ги трпат сите граѓани, а јас, пак, имам среќа/несреќа да бидам дел и од двете засегнати области и да поднесувам небулози секаде каде што се обидувам и самата да придонесам во насока на конструктивни промени!!!

За крај, погледнете ја, г-дине Заев, вака попладневно, по дома, на раат, Годишната програма на проекти од културата од национален интерес за Театарска дејност (можете да ги отворите и другите дејности, исто е) – како да немате ништо со неа, како Вас да не ве засега. Не е тешко да забележите, и со букви, и со бројки, за каков национализам и проценување пред сè по критериум „етничка припадност“, а не по квалитет на предложеното, се работи. Кога ова ќе ви го каже некој што веќе повеќе од 15 години се бори на страната на човековите права и разрешувањето меѓуетнички конфликти, а учествува и во програмите на школите за толеранција, тогаш значи дека ептен сте ја закашкале работава!

А на од Вас избраниот Министер за култура имам само да му порачам – немам намера да Ви пишувам посебен допис – ДАВАМ ОСТАВКА во Советот за култура, Ваше советодавно тело, кое практично и не постои, бидејќи Вам не Ви требаат совети, Вие сè си знаете и самиот.

Премиере, имав голема до/верба во Вас. Но, вашата политика е неконсеквентна.

Денес нешто одлично, утре нешто катастрофално. Изградете систем! Вака, сè зависи од некаков етно-базиран компромис или меѓупартиски договор, а не од стручност и компетенција. Сè додека не покажете дека Вие ја водите Владата и дека Вие сте одговорен за секој министер и за неговите постапки, зашто изборот е Ваш, позитивните резултати ќе бидат инцидент, а не систем, ќе бидат пријатно изненадување, а не секојдневие на добро работење.

Вие од мене побаравте поддршка и мислење. Јас од Вас сега барам јасни, конкретни, бескомпромисни постапки, од кои ќе ми стане видливо дека сте ме разбрале! Такви постапки засега правите само на едно поле, само по едно прашање, за што Ви се восхитувам, но за тоа да биде така, жрвувавте многу, а има опасност да жртвувате и сè“, вели Бузалковска на нејзиниот фејсбук-профил.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/02/2019 18:16