Градоначалникот на општина Ресен со писмо до медиумите изрази жалење и разочараност од последните распределени средства за финансирање на проекти од Министерството за култура.
Во продолжение интегрален текст од реакцијата на Градоначалникот:
„Во име на граѓаните на Општина Ресен и целиот Преспански регион и во името на Здружението на граѓаните „Езеро без граници“, кое веќе 16 години го организира Интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа“, едниствената меѓународна манифестација на бреговите на Преспанското езеро, ја изразуваме длабока разочараност од бруталната одлука со која оваа иманентна културна одредница на европеизацијата на Балканот е избришана од Министерството за култура на Република Македонија. Фестивалот прерасна во симбол во срцето на секој граѓанин од трите страни од езерото, на генерациите кои растеа во духот на мислата на Жан Моне, таткото на Европа:„ Да се гради Европа значи да се гради мир.“
Да се потсетиме, пролетта 2003 година, по прогласувањето на Преспанското езеро од страна на Европскиот парламент за Меѓуграничен европски парк меѓу Македонија, Албанија и Грција, група европски и балкански интелелктуалци, на чело со големиот француски писател и балканофил Жак Лакариер, покренаа иницијатива за основање на интернационален театарски фестивал, којшто ќе ја валоризира индивидуалната театаска одисеја во колективната меморија на Европскиот континент. Првото издание на фестивалот беше одбележано во многу медиуми низ цела Европа и за првпат на Балканот еден фестивал започнуваше со книжевните бисери од трите јазици на езерото, македонски, албански и грчки. Истото лето, во чест на стогодишнината од Крушевската република, прва на Балканот, која траеше само 10 дена, како прв облик на европеизација на Балканот, Жак Лакариер го објави во париски Фигаро својот славен текст Илјадници вчера но само едно утре, што тој лично го прочита со поглед на Ангелот од Курбиново, а тој текст стана манифест на фестивалот. Во овие 16 години, 16 театарски легенди, од 16 европски држави заекогаш ги запишаа своите имиња во европската меморија на Преспа, почнувајќи од Љуба Тадиќ, бардот на балканското глумиште, преку митскиот актер на Питер Брук - Брус Мејерс од Лондон, Марсел Бозоне од Комеди Франсез, Ана Патерсон од Театарот Стрингберг од Стокхолм, легендараната дама на словенечкиот театар Милена Зупанчич, бесмртниот романски Хамлет – Јон Карамитру, грчката муза Криса Јоаниду, класикот на албанската актерска историја Димитри Орготска и првенката на Народниот театар од Софија – Снежина Петрова...
Во богатата хронологија на овој интернационален фестивал прикажани се над 150 претстави од скоро сите европски земји, за којшто Претседателот на меѓународната асоцијација на театаролози Жорж Бани, професор на Сорбона, напиша во театарското списание Европа денес: „Додека гледате како се слеваат класичното и модерното, во Преспа присуствувате на повторното раѓање на Европа.“ Само како илустрација, минатата година за добитничка на наградата за животно дело - Актерка на Европа беше прогласена Селма Алиспахиќ од Босна и Херцеговина, а наградата за најдобро уметничко остварување од натпреварувачкоит дел на фестивалот му припадна на Васили Лаерти, за оригиналното дело „Пеколот на Агамемнон“ од Исмаил Кадаре, што ја играше на трите јазици на Езерото.Како градоначелник на Ресен ќе спомнам еден куриозитет: никогаш не излегле толку многу одгласи во медиумите на Балканот и во Европа за триумфот на театарска Европа во Преспа.“
Живко Гошаревски, Градоначaлник на Општина Ресен