Вашите успеси се успеси и на нашата држава. Ќе го поддржиме финансиски филмот и ќе го зголемиме растечкиот светски интерес, им порача премиерот Зоран Заев на претставниците на три филма кои бележат меѓународни успеси: „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар-Митевска, „Медена земја“ во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска и „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески.

Како што соопшти владината прес-служба, Заев на денешната средба со нив најави зголемување на буџетските средства за филмот, што е поздравено од филмските работници.

-Успесите на државата, со влезот на Република Северна Македонија во НАТО и очекуваното отворање на преговорите со ЕУ, отвора можности за развој на земјава, повеќе инвестиции, повеќе пари, достапност до фондови, но и до нови пазари и полиња. Очекувам дека и вашите успеси само ќе растат, ја имате поддршката од Владата, рече премиерот Заев.

На средбата, како што информира прес-службата на Владата, филмските работници ги споделија позитивните искуства во светот, согласувајќи се дека успехот е на целата држава, и ја поздравија определбата на Владата да го поддржи и помага развојот на филмската индустрија.

-Во кинематографијата на нашата држава, како што беше речено, се препознаваат таленти кои зборуваат на филмски јазик што го привлекува вниманието на светската филмска јавност. Исто така, како што е заеднички констатирано, филмската уметност, како и целата култура, со негувањето на критичкиот пристап, актуелизира важни теми од реалноста, важни за граѓаните, а тоа води и кон поефикасни решенија во општествена смисла. Во таа насока се разговараше за значењето на поддршката од државата, во финансиска и квалитативна смисла, за да може филмот од Република Северна Македонија да го задржи растечкиот тренд на интересот на светската филмска јавност, пишува во соопштението.

„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на 10 февруари имаше светска премиера во официјална конкуренција на престижниот Берлински филмски фестивал и е во трка за „Златна мечка“. „Медена земја“ премиерно беше на најголемиот американски фестивал на независен филм „Санденс“ каде што доби три награди, а филмот „Исцелител“ од 2017 година досега е прикажан на 53 меѓународни и на осум домашни фестивали и освои 15 меѓународни и четири домашни награди.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/02/2019 14:26