Да се врати позицијата на македонскиот писател зашто е маргинализиран, книгите од домашни автори се незабележани дури и на саемот, ги нема во книжарниците, а не постојат ниту рецензии и критики во весниците од кои читателите би дознале за некое новообјавено дело.

Со оваа резигнираност поради ситуацијата во која западнало македонското литературно творештво и реагирајќи на резултатите од Годишната прохрама за 2019-та, Друштвото на писателите на Македонија денеска го одбележа 72-риот роденден, свеченост на која ги врачува и годишните награди за најдобри остварувања во претходната година. Лауреати за 2018 се Влада Урошевиќ, Виолета Танчева-Златева, Лидија Капушевска-Дракулевска, Трајче Кацаров и Рифат Емин.

Претседателката на ДПМ Соња Стојменска-Елзесер го отвори собирот со заклучок дека треба „јавно и јасно да се изрече апел за заштита на писателскиот труд и одржување на угледот и достоинството на творецот“, без разлика, како што рече, на неговата етничка припадност и на политичката активност.

-Секој издавачки проект што е поддржан со помалку од 100.000 денари во старт покажува дека во него не се предвидува достоинствен надомест за неговиот автор. Мора да се внимава да не се наруши еден достоинствен минимум на авторски хонорар кој секој творец треба да го добие за својот труд. ДПМ, кое целата своја дејност ја остварува главно со финансиска поддршка на Министерството за култура, оваа година добива за третина намален фонд од минатата година. ДПМ ќе мора да се приспособи на средства во висина од 310.850 денари за неговата дејност, рече Стојменска-Елзесер.

Помал е буџетот и за фондот за годишните награди на ДПМ за 2019 година, кој допрва треба и да се исправа поради тоа што комисијата направила пропуст и им скратила нула со ветување дека грешката ќе биде исправена со поднесување жалба. За оваа година ДПМ за награди побарало околу 50.000 денари повеќе, а ќе добие помалку од лани.

-Дури и кога ќе се додаде фамозната нула, фондот за награди е за повеќе од 100.000 денари помал од минатата година. Ова е вистинскиот момент да го поставиме прашањето дали наградените дела и автори во различни години треба да добиваат различен третман… Тоа упатува на претпоставката дека наредната година ќе има видливо помал број книги во конкуренција за нашите награди, додаде Стојменска-Елзесер.

Претседателот на Собранието на ДПМ Христо Петрески порача дека Друштвото не е дрво без корен, дека пред повеќе од седум децении го создале писатели-великани. Изминат е, рече, долг пат и континуитетот нема да прекине.

-Никој веќе не може и не смее да се поигрува со ДПМ. Никакви кратења и редукции на овој начин. Не третина, половина или четвртина. Ако сакаме ДПМ да оди напред, да има активности и да постои, пред сè, мора да има и средства за поддршка. ДПМ е најстарата писателска асоцијација во Македонија, истакна Петрески, кој повика и да се врати откупот на книги од Министерството за култура, како што беше до пред две години.

За значењето на ДПМ се осврна и академик Влада Урошевиќ, откако му беше врачена наградата „Стале Попов“ за проза за неговиот роман „Маџун“. Рече дека ДПМ е култно место во културната топографија на Скопје и некогаш не било лесно да се стане негов член. Имал две пропаднати кандидатури и, рече, дури третиот пат по бурни дискусии во управата бил примен.

-Беше тоа еден значаен чин. Времињата што дојдоа потоа променија многу нешта. Новите времиња носат нови искушенија. Колку литратурата и уметноста воопшто да се поттурнати во заден план, колку и во денешните услови улогата на писателот да е минимализирана и омаловажена во јавноста, останува неспорна вистина дека ова Друштво ѝ е неопходно на македонската култура и дека овој дом не е место само на сентиментални спомени, туку живо средиште кое зрачело и кое и денес зрачи со духовна енергија, рече Урошевиќ, уверен дека младите членови ќе знаат, како што рече, да му влеат нова содржина и нова виталност и дека ќе се надоврзат на вредностите од минатото.

Виолета Танчева-Златева ја доби наградата „Ацо Шопов“ за поетската збирка „Патот“, Лидија Капушевска-Дракулевска – наградата „Димитар Митрев“ за критичко-есеистичката книга „Мозаик од гласови“, Трајче Кацаров – награда „Ванчо Николески“ за романот за деца „Не паркирај гаража“ и Рифат Еминн – наградата „Мост“ за поетската збирка „Bi-nihauet“ (Без-конечно) напишана на турски јазик. На конкурсот на ДПМ за петте награди пристиганале 61 книга објавени во 2018 година.

Претседателството на ДПМ донело и одлука да отвори повик за пријавување кандидати за нови членови. Повикот ќе биде објавен во медиумите, а апликациите ќе се доставуваат во март.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/02/2019 14:30