Денеска, кога емоциите се смирени, кога хистеричниот бран на неоправдени и злонамерни реакции престана, би било добро да направиме анализа зошто буџетите од последните две години во Министерството за култура предизвикуваа толку големо внимание во јавноста и што донесе распроделбата на овој буџет.
И оваа година Министерството за култура, врз основа на Законот за културата и Деловникот за својата работа, го донесе својот годишен буџет. Инсталираната практика за време на донесувањето на минатогодишната програма, каде што предмет беше транспарентоста, беше проследена и оваа година кога транспарентноста и законитоста се веќе етаблирани стандарди. Комисиите ја имаа и ја понесоа главната одговорност и тежина на процената и подготовката на програмата за 2019 година. Да бидеме искрени до крај, да,министерот за култура е тој што ја носи програмата за култура, но никогаш и во никој случај, никој од министрите за култура не ги надмина комисиите за време на подготовката на програмата. Дури и оваа година, во програмата на Министерството за култура поддршка добија разни проекти од областа на културата.
Жално е што во земја која се стреми да стане дел од една заедница каде што главен збор е културната разновидност, уметниците сè уште зборуваат едни за други, а не едни со други. Разочарувачки е фактот што уметниците, нашите македонски колеги од незнаење за нивните етнички албански колеги, праваат предрасуди и споредби, како што се: „Зошто за нив, а не за нас”, или: „Зошто на наш грб се поддржани нивните проекти”. Ова претставува најниска точка која може да ја постигнат луѓето кои создале стереотипи за една заедница која соработува, коегзистира и придонесува еднакво во оваа земја.
Во 2018 година, со донесувањето на програмата на Министерството за култура, сите наши македонски колеги, поддржани од некои т.н. космополити, стигматизираа, ширеа предрасуди и зборуваа со презир кон албанските проекти. Дури и минатата година, Џез-фестивалот, Тетовскиот филмски фестивал, Ансамблот, разни концерти, уметнички колонии, разни претстави и други проекти беа посочени како несериозни проекти. Типичен пример е случајот со здружението „Алегрето”, здружение кое веќе неколку години успешно организира еден од најважните настани на сериозната албанска музичка сцена. Сите фрлаа камења и дрва кон ова здружение, додека времето покажа дека имавме право за поддршката што ја дадовме за ова здружение.
Тоа се случува и оваа година, се зборуваше и тогаш, а се зборува и сега за фантомски здруженија. Не, тие не се фантомски здруженија туку се здруженија на албански уметници кои во текот на годините беа дискриминирани од ова министерство, тие се здруженија кои се создадени од невозможноста институционално да добијат дел од буџетот од Министерството за култура бидејќи основањето на институции во Западна Македонија во времето беше табу-тема. Овие асоцијации, овие културни активисти, овие уметници се бореа со срце и душа и со самопожртвувана работа за да се посветат на уметноста и да станат дел од културната сцена во Република Македонија. Во 2017 година беа направени првите чекори во креирање проекти и политики кои би претставувале позитивна дискриминација врз албанските уметници бидејќи штетата предизвикана во културата, а особено на албанската култура, предвидуваше еден таков чекор.
Буџетот за капитални инвестиции во Министерството за култура со право се фокусираше на завршување на првата фаза од Тетовскиот театар, објект кој неколку години остана на нејзините основи. Буџетот беше фокусиран и кон завршувањето на реконструкцијата на Албанскиот театар во Скопје, за конечно да заврши сагата на албанските сценски уметници во Скопје, се зајакнуваа финансиските капацитети на институциите кои благодарејќи на острата политика инсталирана во Министерството за култура со години, тонеа во долгови и немаа средства ни за основните потреби за функционирање.
Во 2018 година беше усвоена Стратегијата за култура, чија главна цел е недискриминацијата и создавањето на нови сеопфатни политики кои ќе бидат главен столб на работата на Министерството за култура.
Во 2018 година околу 35 % од буџетските средства на Министерството за култура за првпат беа доделени за албански проекти. Во 2018 година дојде до промена на менаџерскиот тим во културата и сите проекти беа разгледувани за одредени неправилности. Откако беа отстранети сите дилеми, започна реализацијата на проектите. Денес, со гордост кажуваме дека не направивме грешка во поддршката на проектите кои ги оживеаја културните активности.
Во 2019 година, односно Програмата за култура за 2019 година го следи наследениот природен пат од минатото обидувајќи се да го зголеми квалитетот на програмата и на проектите, дури и се обидува да создава повеќе можности и поддршка за уметниците и за институциите. Оваа програма е само чекор кон искачувањето или подобро кажано кон зголемувањето на институционалната поддршка што ќе биде направена за културата воопшто, така што, пред да се судиме меѓусебно како уметници, подобро е да седнеме и да разговараме едни со други, да ги посетиме изложбите едни на други, да ги следиме концертите едни на други, да се запознаваме подобро едни со други. Само на овој начин ќе можеме да критикуваме каде што треба и да се поддржуваме во иднина.
Дали е ова најдобрата програма на Министерството за култура? Не. Постојат многу забелешки од различни здруженија и институции кои се жалат за недостиг на соодветна поддршка за нивните проекти или за отстранување на нивните проекти од конкуренцијата, но во вообичаена постапка за жалба комисиите ќе ги разгледаат сите забелешки поднесени од здруженијата, уметниците и институциите. Од хистерични и неисцрпни реакции, им се оневозможува институционалната грижа на оние на кои, во некоја форма, им е одземено правото за поквалитетна поддршка.
Но, оние што мислат дека се над законот – грешат, оние што мислат дека треба да бидат заштитени и недопрени – повторно грешат, оваа програма никогаш не фаворизирала и не нанесувала штета на никого. Транспарентност и еднакви можности им се обезбедуваат на сите.
И за крај, Министерството за култура во последните две години сметаше на чувствителноста на својата работа и нудеше транспарентност, еднакви услови и одлична соработка со сите органи кои се борат против корупцијата. Во меѓувреме, се покажа дека дискриминацијата сега останува во минатото. Во тесна соработка со уметниците од сите области ќе создадеме развојни и поддржувачки политики за културата воопшто.
Ова Министерство има цел да им служи на уметниците, наместо да им служи на одредени поединци и лоши политики кои оставија црна дамка во историјата на Министерството. Затоа, разбирањето, толеранцијата и меѓусебната соработка треба да бидат главни постулати на културата во земјава.
Државен секретар Валмир Азири