Организаторите нa криминалните групи за трговија со луѓе веќе користат нови модуси за присилба на жртвите, многу пософистицирани и перфидни, со кои се прави самите жртви да не го препознаат, да не се чувствуваат како такви, и да не сакаат да соработуваат за откривање и покренување постапки против експлоататорите. Oграничување на движењето, одземање на патни исправи, неисплата на средствата што ги заработува одредено лице-жртва веќе се застарена карактеристика за трговијата со бело робје.

Во Република Македонија, како, пред се, земја на транзит и во однос на трговијата со луѓе, но и во однос на илегалната миграција, потребна е анализа на социо-економските причини зошто е присутна и одговор за причините за неговата појава во насока за успешна превенција. Во последните години се зголемува бројот на домашни жртви на трговија со луѓе, кои се главно сексуално и трудово експлоатирани. Симптомачни се податоците за идентификуваните и за потенцијалните жртви на трговијата со луѓе, бидејќи се работи за малолетници – деца. Република Македонија во мал процент е земја на крајна дестинација, односно жртвите работат во барови, ресторани и ноќни клубови во западниот дел на државата или се сезонски работници кои работат во земјоделство. Станува збор за странски државјни кои доаѓаат од Албанија, но и од Србија и од Бугарија.

Потребно е значително повеќе да се дејствува во превенцијата и елиминација на претпоставките за негово настанување, постои потреба од поширока дебата за трговијата во контекст на стратегии за намалување на сиромаштијата, одржлив развој, политиката за превенција за различните форми на дискриминација и миграциска политика, се само дел од деветте предлог – препораки од Националната конвенција за Европската унија во Република Македонија во однос на новите форми на превенција и борба против трговијата со луѓе.

Љупчо Маркудов, раководител на единицата за борба против трговија со луѓе- МВР потенцира дека со поставеноста на Националната единица е добиена проактивноста, за разлика од претходно кога, не постоел не само на целата територија на државата, туку и на Град Скопје.

– Кога се работи за трговија со луѓе ние сме земја на потекло, имаме македонски државјанки кои се експлоатираат надвор од земјата, пред се, преку присилни бракови, а децата присилно се внесуваат во некои т.н. бракови со лица многу постари од нив, па таму настанува сексуална трудова експлоатација и секоја друга можна форма, вели Маркудов.

Според него, раното идентификување е многу важно кога станува збор за борбата со трговија со луѓе. Проблемите со кои се соочуваат, нагласува, кога се обидуваат да идентификуваат жртва меѓу илегалните мигранти, се од културолошки аспект. Потребни се културолошките медијатори, кои би ги подготвиле како треба да се води интервју со одредни лица кои доаѓаат од земји што се со културолошки разлики во однос на нас. Проблем е, посочува и јазикот (паштун, урду), јазици што не се познати на овие подрачја и за кои немаме преведувачи. Недовербата кон полициските служби и желбата што поскоро да стигнат до земјата крајна дестинација, се уште дел од проблемите со кои се соочуваат.

Информира дека Национална единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе води и финансиски истраги за организираните криминални групи сторители на овие кривични дела во правец на одземање на нелегално стекнатите добивки. Единицата, подвлекува, е единствена во државата со мандат за водење меѓународни истраги поврзани со криумчарење мигранти и трговија со луѓе. Во оваа смисла има паралелени истраги, но се уште нема заеднички истраги со служби од други земји. Во тек е истрага, која, рече, се надеваме ќе биде можеби истрага со повеќе други држави.

Инаку, од април 2018 година до јануари годинава идентификувани се девет жртви на трговија со луѓе, од кои шест се деца. Од деветте жртви, три се полнолетни, но сите се од женски пол, а децата се на возраст од 12 до 17 години.

– Најчеста е сексуалната експлоатација, комбинирана со трудова експлоатација и присилни бракови, но имаме и присилно питачење и присилба за извршување одредени кривични дела. Во 2018 година се поднесени шест кривични дела против 17 сторители за кривично дело тргување со дете. Оваа година имаме една кривична пријава против две лица, идентификувано дете жртва на трговија со луѓе. Имаме поднесено три кривични пријави против 16 сторители за кривично дело криумчарење мигранти како организирана форма, вели Маркудов.

Во 2019 година веќе има три нови истраги за криумчарење мигранти.

МВР вложува во едукација на полициските слубеници, но и на сите субјекти кои се наоѓаат во ланецот на трговија со луѓе

Мобилните тимови клучна алка во борбата со трговијата со луѓе

Мобилни тимови составени од социјални работници, инспектори и психолози, кои постојат во пет градови, каде е констатирано дека е најзабележлива оваа појава, се клучната алка бидејќи први стапуваат во контакт и добиваат сознанија за потенцијалните жртви на трговија со луѓе. Надлежни се за идентифкување на ранливи категории, вклучително и жртви на трговија со луѓе, првично упатување и утврдување на идентитетот, рана проценка на ризик, идентификација на претпоставената жртва како жртва на трговија со луѓе, давање информации за можноста за вклучување во програма за помош и поддршка.

Во периодот од формирањето до денес, мобилните тимови првично контактирале, информирале и асистирале со 390 лица, од кои 362 се државјани на РМ, а 28 странски државјани. Девет од нив се жртви на трговија со луѓе, 104 потенцијални жртви и 277 ранливи категории лица.

Вакви мобилни тимови се воспоставени во Скопје, Куманово, Тетово, Битола и Гевгелија. Вкупниот број на учесници во мобилните тимови е 33 и тоа пет координатори и 28 членови.

Работата е регулирана со Програма за работа на мобилните тимови која беше донесена од страна на Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика. Мобилните тимови официјално почнаа да функционираат во март 2018 година.

Функционирањето на мобилните тимови е поддржано во рамките на проектот “Зајакнување на националните капацитети во областа на азилот, миграциите и трговијата со луѓе” на ИОМ со финансиран од Европската Унија.

Министерството за труд и социјална политика информира дека постои и еден Центар за лица жртви на трговија со луѓе и сексуално насилство .

Поголема едукација на младите, еден вид превенција

Гордана Смаќоска, раководител на Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе, Јавен обвинител во Основното јавно обвинителство на РМ за организиран криминал и корупција, оценува дека во борбата против трговијата со луѓе треба да се менува свеста низ поголема едукација на младите, особено оние од ранливите категории, како и поголема медиумска застапеност во борбата со трговија, како еден вид превенција..

Таа напомена дека со оглед на тоа дека живееме во мултиетничко општество, при борбата со трговијата со луѓе се соочуваат и со проблем во насока на обичајното право во руралните средини или кај некои етнички заедници. Напомена дека се среќаваат со проблем кога жртвата не се чуствува како жртва и при нивното сведочење ја прифаќаат положбата во која се наоѓаат. Честопати сме во неможност, истакна, да добиеме исказ дека се работи за трговија со луѓе.

Државата да се зафати сериозно со Дневни центри

Најзагрижувачки е, потенцира директорот на Првата детска Амбасада во светот Меѓаши, тоа што во Република Македонија, според владина статистики, околу 300 деца се без извод од матична книга на родените.

– Но, знаете дека сивата бројка е еден спрема 10, тоа значи потенцијални 3.000 деца кои можат да бидат киднапирани, грабнати и тргувани и воопшто да не се знае за нив, рече тој.

Според него, многу е важно овие ранливи категории деца да се под строг надзор од страна на државата за тоа колку родителите квалитетно го остваруват родителското право, но од друга страна треба да се зајакнуваат овие семејства.

– Да се искорени трансгенерацискиот начин на обезбедување на средства со питачење, со препродавање драгулии и со потенцијални макроа кои заработуваат на нивна сметка и евентуално децата ги подведуваат, ги тераат на детска проституција или ги тргуваат, смета Змијанац.

Сличен проблем постоел и за време на мигранстската криза кога, подвлече, 10 илјади деца кои транзитирале низ овој коридор не се најдени каде се и за тоа никоја држава и покрај тоа што ги потпишале меѓународните протоколи, не одговара за тоа.

– Државата не сериозно го третира овој проблем особено во делот на неписменост, сиромаштија, не вклученост на децата во раните години во градинка, во основно училиште. Сите деца кои не се вклучени во воспитно-образовниот процес, а се на улица, не се под заштита на државата, како старател и покрај тоа што тие имаат биолошки родители, нив сиромаштијата ги тера на каков било начин да заработуваат, изјави Змијанац.

Тие се ранлива категорија на деца, смета, и се најподложни на трговија, киднапирање, грабнување, подведување и исчезнување.

Змијанац порачува државата сериозно мора да се зафати со т.н. Дневни центри, кои се добра можност да се работи со нив не само на згрижување, туку и на едукација на родителите за тоа колку е важно децата да се оттргнат не само од сиромаштијата, туку и со потенцијалната трговија. Државата сериозно да се зафати и со евиденција на овие деца во изводот на матична книга на родените да се обезбеди не само здравсвена заштита, туку и образование.

Национална единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе

Национална единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе е формирана јануари 2018 година со склучување меморандум за соработка меѓу јавното обвинителство на РМ и Министерството за внатрешни работи, со цел јакнење на националните капацитети и зголемuвање на ефикасноста на полицијата и Обвинителството во сузбивање на организираните форми на криумчарење мигранти и трговија со луѓе.

Во надлежност на Националната единица се кривичните дела трговија со луѓе, организирање на група и поттикнвуање на дела трговија со луѓе, со малолетно лице и криумчарење мигранти, како и трговија со малолетно лице и други кривични дела кои се во надлежност на ЈО за гонење на организиран криминал и корупција.

– Без посилна одржлива политика за поголема превенција и вклученост на институциите што имаат надлежност во борбата против трговијата со луѓе и може да ги решат суштинските причини што доведуваат до трговијата со луѓе, успешна акција не е возможна, е една од клучните девет предлог-препораки од Националната единица.

Во една од препораките се посочува дека постои недостиг на соработка и координација меѓу различните институции и различните владини планови за акција на штета на превентивната работа на трговијата со луѓе, а нема и анализа за врската меѓу трговијата со луѓе, пазарите на трудот и принудната работа.

Инаку, Националната единица има 32 постојани членови, од кои 16 се на централно ниво и 12 инспектори, како и 16 на локално ниво по двајца во секој СВР и 21 контакт лице, кои се ангажираат повремено, во случај кога треба да се извршат полициски овластувања за кои не треба да се знае дека потекнуваат од Националната единица како задачи.

Цветанка Миновска



Автор: Администратор
Објавено на: 14/02/2019 09:37