Центарот за развој на Скопскиот плански регион почнува со реализација на проектот„Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, што ќе се реализира со финансиска поддршка на Швајцарската конфедерација, Швајцарската амбасада во Македонија, Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за локална самоуправа.

Во рамки на проектот ќе се спроведе и програмата „Регионални форуми во заедницата“ со цел да се зајакне граѓанското учество во процесот на одлучување на регионално и локално ниво, да се подобрат партнерствата меѓу регионалните и локални субјекти и да се изнајдат поефикасни решенија за проблемите од интерес за целиот регион. За Скопскиот плански регион е предвиден грант од 60.631 швајцарски франци.

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу соопшти дека нашата држава е пример на исклучително големи развојни разлики меѓу планските региони, а уште повеќе во рамки на една општина, меѓу урбаните и руралните населени места.

– Граѓаните имаат право на воедначен пристап до јавните услуги и оваа Влада направи максимални напори веднаш на почетокот на мандатот да ги менува работите. За оваа година за рамномерен регионален развој се издвоени седум милиони евра што е за 100 отсто повеќе во однос на 2017 година. Мината година со средства од оваа буџетска програма се реализирани 96 проекти во осумте плански региони, истакна Фазлиу.

Раководителот на Центарот за развој на Скопскиот плански регион Љупчо Кец Мицковски изјави дека на денешната сесија се присутни градоначалници, претставници од општините, граѓани, граѓански сектор се со цел, како што рече, сите да дадат свој придонес и учество во донесувањето на приоритетите. Најави дека тие како Центар ќе спроведат три сесии од овие форуми и на крај, како што рече, ќе излеземе со една заедничка имплементација на сите потреби кои ќе произлезат од овие форуми.

Министерот Фазлиу изрази сочувство до семејствата на загинатите во сообраќајната несреќа што се случи вчера попладне меѓу Карпалак и Ласкарци, а повредените што побрзо да закрепнат. На загинатите им беше оддадена почит со едноминутно молчење.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/02/2019 15:10