Ракометарите на РК Еурофарм Работник се подготвени за претстојниот меѓународен натпревар со унгарскиот тим Татабања кој в недела ќе гостува во Битола.

Битолските „фармацевти“ денес најавија дека во второто коло од ЕХФ-купот очекуваат победа, а во тимот се враќа и ракометарот Пецаковски кој ја санирал повредата.

– Тимот на Татабања негува брз, динамичен ракомет, во тимот доминираат репрезентативци од Унгарија, Хрватска, Романија и Босна и Херцеговина. Во текот на натпреварот постојано го менуваат ритамот на игра, и во моментов се единствените што го победиле шампионот Веспрем. Битолската публика в недела ќе ужива, а ние сме подготвени за прва победа, истакна Ѓорге Ќирковиќ, тренер на РК Еурофарм Работник.

На денешната прес конференција во Битола, македонскиот ракометен репрезентативец Филип Кузмановски потврди дека тимот максимално се подготвува за дуелот со Татабања во спортската сала „Боро Чурлевски“ во која на теренот е поставена „герфлор“ подлога, за новинарите ќе биде отворен посебен прес центар, а загревањето во салата ќе биде засилено со „огнени топови“.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/02/2019 15:12