Пет лица се сместени на Одделот за интензивна нега во ГОБ „8 Септември“, од кои двајца се во критична состојба, по синоќешната автобуска сообраќајна несреќа што се случи на автопатот Скопје – Тетово кај селото Ласкарци, истакна вечерва директорот на Градската општа болница „8 Септември“ Христијан Костов.

Прецизира дека во шок соба моментално се сместени двајца пациенти, кои се поставени на механичка вентилација со неуротраума, двајца нови пациенти кои се префрлени од Траума-центарот, како и една претходно оперирана пациентка на која и беше извадена слезината и која е во стабилна општа состојба.

– Во моментов во критична состојба се двајцата што се на механичка вентилација со неуротраума. Другите се во добра општа состојба. Двајца од пациентите се качени од Одделот од траума центарот на Одделот за инвазивно лекување заради опсервација. Едниот од нив е на 15 годишна возраст, а другиот на 40 години. Кај нив има лесна промена на крвната слика, но се под контрола и се прават дополнителни испитувања. Засега се во стабилна состојба, посочи Костов.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/02/2019 18:21