Кумановскиот музеј доби 23 проекти, подржани и одобрени од Министерството за култура, соопштија денеска надлежните од оваа националната установа. Годинава ќе се осовременува историското одделение од музејската поставка, ќе продолжи откупот на етнолошки материјал, ќе биде подготвен документарен филм за бракови меѓу старите ерегени од Козјачијата со невести од Албанија.

Кумановската публика ќе има можност да ги проследи етнолошките изложби „Творештво на зографите од 19 и почетокот на 20-ти век“ и „Килими од Кумановско“, „Занаетчиството некогаш и денес“. Предвидено е да се одржат и работилници и истражувања за дервишите, црквите, едукација за народното творештво за средношколците, едукативните работилници „Сподели богатство“ наменети за децата и час по нумизматика. Годинава ќе биде издадено и списанието „Музјески водич за деца“.

Археолозите од Кумановскиот музеј ќе ги истражуваат локалитетите Црквиште во Клечовце и Градиште во Младо Нагоричане и ќе го реализираат проектот средновековната патна мрежа во Кумановско.

– Генерално, задоволни сме од програмата. Годинава прославуваме 55 години постоење. Единствено одбиен е проектот издавање музејски гласник по повод јубилејот, изјави директорот на оваа установа Богдан Таневски.

Обновувањето на музејската поставка на Спомен-куќата на народниот херој Христијан Тодоровски-Карпош ќе се спроведува со 150.000 денари, што се значително помалку од бараните два милиони денари.

Оваа година продолжува конзервацијата на музејскиот материјал и опрема за лабараторијата и оддржувањето на нумизматичката збирка. Во галеријата ќе бидат презентирани седум изложби, а ќе се одржи и „Ликовната колонија Куманово 2019“ во Пелинце. Од Музејот очекуваат деновиве да се подготват и договорите со уметниците кои конкурирале и добиле проекти за изложба во просторот на уметничката галерија.

Минатата година беа вложени 550.000 денари за реконструкција на просториите каде се сместени вработените од Кумановскиот музеј и заменети се прозорците. Од Музејот очекуваат годинава да инвестираат и во замена на санитариите и да се обнови канцеларискиот мебел.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/02/2019 13:49