Македонско-словачка монографија „Културата во земјите во транзиција“ ќе биде промовирана денеска во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во организација на Институтот за македонска литература.
На промоцијата се најавени обраќања на ректорот на УКИМ проф. д-р Никола Јанкуловски, словачкиот амбасадир во државава Хенрих Маркуш, директорката на Институтот за македонска литература проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ и продеканот за наука на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра проф. д-р Мартин Хетенји.
Монографијата е резултат на заеднички истражувачки проект на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Филозофскиот факултет при Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра. Главна тема на монографијата е актуелното место и улога на културата во современите процеси на транзиција во земјите од Централна и од Југоисточна Европа.
Излагањата се распоредени во два тематски циклуса: „Повторно размислување за културната транзиција“ и „Пресликување на темата за културната транзиција во уметностите и во медиумите“.
Монографија е создадена од 14 автори од двете земји. Од Македонија со свои трудови се застапени авторите: Маја Јакимовска-Тошиќ, Валентина Миронска-Христовска, Ана Мартиноска, Јасмина Мојсиева-Гушева, Лорета Георгиевска-Јаковлева, Гоце Смилевски и Соња Стојменска-Елзесер. Од Словачка се вклучени авторите: Кристина Јакубовска, Катарина Габашова, Јозеф Пушкар, Вероника Моравчикова, Мирослав Балај, Ерика Моравчикова и Луција Велкова.
Раководители на проектот и уредници на изданието се Маја Јакимовска-Тошиќ и Катарина Габашова. Рецензенти на изданието се Илија Велев и Наташа Аврамовска.