Проектот „Светот на Биби“ беше промовиран на „Кидскрин самит“, најголемиот настан посветен на детската забавна индустрија во САД, што се одржа во Мајами, Флорида, од 11 до 14 февруари.

За промоцијата на „Светот на Биби“ се погрижи Сарита Кастиљо, извршен директор на „Линкс студио“, најголемото студио за 2Д-анимации во регионот.

-Ми беше огромно задоволство во светот на менаџерите на најголемите ТВ и филмски компании кои се обраќаат на детската публика, да ја претставам Биби и нејзиниот свет. Реакциите се одушевувачки и се надевам дека ќе ѝ отвориме голема врата на Биби пред поширока публика. Реализирав средби со претставници на многу компании, меѓу кои: „Нетфликс“, „Дримворкс“, „Картун нетворк“, „Сони“, „Мател“ и други, вели Кастиљо.

„Кидскрин самит“ е светски признат настан од областа на забавната индустрија посветена на децата. Во 2018 година конференцијата пречека повеќе од 2.000 учесници од повеќе од 50 земји. Врвни менаџери присуствуваат на „Кидскрин самит“ за да бидат дел од најголемото бизни-вмрежување, но и да се вклучат во критичен дијалог на теми што се однесуваат на индустријата. https://www.youtube.com/channel/UCa1bGBQoNw3stGDgCH993aw

Покрај „Светот на Биби“, Кастиљо го претстави и „Јон Вардар и галаксијата“ во режија на Гоце Цветановски, првиот македонски долгометражен анимиран филм, што се очекува да биде готов за две години.

Најголемото 2Д-студио за анимации во регионот – „Линкс студио“ стана партнер на „Еф-Три“ во меѓународната промоција на проектот „Светот на Биби“. Приказната за Биби и Боби ќе добие можност да ги напушти границите на нашата земја и да биде презентирана на саеми наменети за производи со детска видео содржина.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/02/2019 16:43