Штипските културни институции задоволни од проектите одбрени од Министерството за култура. Директорот на Заводот за заштита на споменици и Музеј на град –Штип, Митко Штерјов вели дека годинава добиле финансиска поддршка од осум милиони денари. Најголем акцент годинава археолозите ќе дадат на истражувањата на археолошкиот локалитет „Баргала“.

Центарот за култура „Ацо Шопов“ годинава аплицирал со пет, а добил четири проекти. Вршителот на должност директор во Центарот за култура „Ацо Шопов“, Катерина Мишева вели дека одобрени им се 2.500.000 денари. Актерите од Народниот театар –Штип годинава ќе работат на три нови претстави. Станува збор за претставите „Возможни светови“, „Зимска бајка“ и „Патувачкиот театар на Шополовиќ“. Министерството за култура даде поддршка и на Фестивалот за деца и младинци „Малиот принц“.

Директорот на Домот на млади-Штип, Горан Трајков забележува дека по три години на сцената во оваа институција ќе се врати џез фестивалот „Астибо“, одобрени се два проекти со вредност од 210.000 денари.

Националната установа Универзитетска библиотека (НУУБ) „Гоце Делчев“-Штип има конкурирано со 34 проекти, а одобрени се вкупно 14. Финансиската поддршка за оваа институција ќе изнесува 560.000 денари.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/02/2019 16:52