Младинскиот ансамбл на културно-уметничкото друштво “8 Октомври” кој функционира при Националната установа Центар за култура, Крива Паланка интензивно се подготвува за планираниот настап на 14-тиот Интернационален детски фолклорен фестивал “Чинарчик Јелоуа” во Република Турција.
-Пробите се одржуваат три пати во неделата, станува збор за играорци на возраст до 15 години. Ги усовршуваат кореографиите Егејска, Игри и песни од источна Македонија, Драчевка и новопоставени кореографии кои ги презентираат богатиот фолклор и мелос од нашиот регион, информира кореографот Александар Петровски.
Тој додаде дека покрај детскиот фестивал, во годишната програма се предвидени настапи на традиционалните фолклорни фестивали во државата, но, и на интернационални фестивали во Србија, Бугарија и Турција.
– Во рамки на друштвото функционираат четири ансамбли, детски, два младински и првиот ансамбл, со вкупно околу стотина играорци. Пробите се одржуваат три пати неделно, вторник, четврток и сабота, а во овој период во тек се и уписите, кои ќе траат до 23 февруари, додаде Петровски. КУД “8 Октомври” Крива Паланка е најстарото фолклорно друштво во градот, формирано е 1974 година и годинава одбележува 45-годишен јубилеј на постоење.
Концертниот репертоар е богат со 10 кореографии со вкупно времетраење од над 100 минути, а се карактеризира со елеганција во изворно – обогатениот фолклор, нагласена динамика и мелоритмичен темперамент.
Од раководството истакнаа дека постојано работат на унапредување на соработката со сите фолклорни друштва во и надвор од границите на државата.