Во нашите вина има најмалку шпекулација и хемија, рече сопственикот на винарската визба „Стоби”, Минчо Јорданов, при денешното симболично закројување на винови лози во дворот на винарницата и одбележувањето на нејзиното десетгодишно постоење.

-Ако европските стандарди дозволуваат да има резидуални елементи од прскање против болести и слично, ние во Тиквешкиот регион и особено Стоби имаме најсончева и најсува клима, па прскаме околу четири пет пати помалку од западните земји. По резидуалните елементи, нашето вино е близу до еколошкото. Ние имаме половина од стандардот на Европа за резидуални елементи. Но и храната на овие простори исто како и виното ги одушевува странците, рече тој, нагласувајќи дека уште поинтензивно ќе работат на што посилна инфраструктура, за да се поддржи винскиот туризам со повеќе хотели, патеки и слично.

Тој го спомна неповторливото искуство кога човек се наоѓа среде морето од лозја и се надева на поддршка од државата и од европски фондови.

-Традицијата на закројувањето е еден од убавите настани кои го следат производството на грозје и вино. Затоа што отсекогаш е прифатено виното, за кое велат дека е напиток на боговите. Убаво е кога на ваков начин луѓето се зближуваат, рече Јорданов, зборувајќи и за досегашниот успех и идните планови на винаријата.

Десет години е период во кој, рече, сé уште се чувствуваат некои проблеми во аграрот, но кои ги решаваат.

Во последните години, додаде, виното стана еден продукт кој е важен за нашето земјоделство, затоа што ангажира голем број на индивидуални работници. Тој нагласи дека комбинатот „Стоби” самиот го произведува своето грозје. Сигурниот пласман и зголемувањето на извозот на виното се многу важни, рече, потсетувајќи дека нашата земја троши можеби околу десет проценти на домашното вино.

-Ние сме принудени да извезуваме. Некој би рекол дека тоа е хендикеп. Но тоа истовремено е и предност. Затоа што на тој начин, со работење заеднички, координирано преку нашите асоцијации, во соработка со државата, ние обезбедуваме да има луѓе кои ќе останат на земјата, што е многу важно во земјоделството. Политиките во аграрот, особено за виното имаат подобрување, но има уште простор за уште подобра координација и помош. Затоа што виното е единствениот земјоделски производ, заедно со производството на грозје, кој има најдолг производствен циклус. Започнува во декември со резидба на лозите, во септември се бере грозјето, а виното ќе биде спремно за продажба некаде во март наредната година. А парите ќе се добијат некаде во јули, појасни тој.

Затоа е добро, рече, да се има земјоделски банки како во западните земји кои би го исфинансирале целото тоа.

-Како за лозарите, така и за винарите како нас кои имаат сопствено грозје и огромен ангажман на обртни средства, со што се намалува конкурентноста. Добро е да имаме ефтини банкарски средства како тие земји, а виното заслужува поддршка, за нашите лозари да останат на нашата земја, дециден беше сопственикот на „Стоби”.

Запрашан дали очекува проблеми со трговските марки и придавката „македонско“ вино при извозот, со оглед на Преспанскиот договор, изрази надеж дека ќе се најде решение за на целиот простор на „географска Македонија“ да се користи придавката „македонски“.

-Но и да не се најде такво решение. Десетина години работиме под таква пресија да не ни го признаваат терминот македонско вино, би било добро да се најде едно фер решение во рамките на меѓународните закони. Но мислам дека тоа нема да се одрази на продажбата и настапот на нашите вина. Досега не сме биле контактирани за ова, но верувам дека нашата асоцијација го има во предвид тој проблем и ќе ја каже нашата позиција во рамките на меѓународните прописи. Да нема победници и губитници, категоричен беше тој.

Рече дека многу го сака винскиот туризам кој е синтеза на неколку економски позитивни ефекти. Има, додаде, каде да ги прошетаме туристите, во нашата земја има што да се види.

Се осврна и на релативно скромната потрошувачка на вино.

-Франција или Германија имаат потрошувачка до 60 литри по жител годишно. Македонија, седум до десет литри. Но овде не влегува приватното вино, а се пие и домашно произведено вино. Мислам дека потрошувачката на вино има силен тренд на покачување. Добро е што е така. Има фантастични показатели на растот на потрошувачката на вино во светот. А на домашен терен работиме и сами и во слоп на нашата асоцијација. Бидејќи позитивни се ефектите од виното, кое се смета и за храна, рече тој.

Откри дека имаат планови и за сместувачки капацитет. На два километра од автопатот, европски пат север-југ, на кој отсуствуваат такви капацитети. Но имаат планови и за тури кои ќе опфаќаат повеќе места од земјава и соседна Грција. Така туристите би можеле да уживаат во природни убавини, храна и вино, коцкарници.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/02/2019 15:18