Организаторите на церемонијата на доделување на филмските награди Оскар се откажаа од намерата четири статуетки да се доделат за време на рекламите во текот на телевизискиот пренос на 24 февруари, откако на тоа се спротивставија познати холивудски режисери, глумци и други филмски работници.
Академијата за филмска уметност и наука соопшти дека „ги примила повратните информации“ од своите членови и затоа сите 24 награди ќе бидат претставени во директен пренос.
Претходно, оваа недела Академијата објави дека Оскарите за најдобра фотографија, за монтажа, за кратки филмови и за шминка/фризура ќе бидат претставени за време на рекламите од телевизискиот пренос на доделувањето, а говорите на добитниците ќе се емитуваат подоцна. Целта била преносот на доделувањето Оскар да се скрати и привлече публиката, имајќи предвид дека гледаноста на минатогодишната церемонија достигна најниско ниво.
Во отворено писмо, потпишано од режисерите Мартин Скорсезе и Спајк Ли, глумците Роберт де Ниро и Џорџ Клуни, како и од над 50 други познати холивудски имиња, Академијата е критикувана дека тие важни занимања во филмската идустрија се ставаат во подредена положба и се навредуваат професионалците кои се занимаваат со тие работи.
На церемонијата се доделуваат Оскари во вкупно 24 категории. Организаторите се обврзаа дека ќе го скратат времето на доделување за 40 минути, односно ќе трае вкупно три часа.