Српско народно позориште од Нови Сад вечер ќе гостува во Македонскиот народен театар со претставата „Духот кој оди (Патот на Прометеј)“ од Дејан Дуковски во режија на Александар Поповски.
На матичната сцена претставата премиерно била изведена на 15 септември 2015 година. Копродукција е на Српско народно позориште и Центарот за развој на визуелна култура.
-Текстот на Дејан Дуковски ја носи приказната за личната епопеја на главниот лик Мара, финансиски скршен шекспиролог во долгови ’до гуша‘, кој тргнува во ирационален поход против корумпираниот систем/општество. Режисерот Александар Поповски на сцената на Српско народно позориште создава утописка мелодрама за можниот Хамлет, кој наместо да размислува – дејствува, соопшти МНТ.
„Духот кој оди (Патот на Прометеј)“ доби Гран-при за најдобра театарска претстава на Меѓународниот театарски фестивал „Скупи“ во 2015 година.
Во претставата играат актерите Ненад Пеќинар, Душан Јакишиќ, Милорад Капор, Игор Павловиќ, Страхиња Бојовиќ, Радоје Чупиќ, Јована Стипиќ, Гордана Ѓурѓевиќ-Димиќ, Алиса Лацко и Даница Грубачки. Сценографи се Таџисер Севинџ и Саша Сенковиќ, костимограф Марина Сремац, а на сценските движења работеше Иста Степанов.