По постигнатиот успех на документарниот филм „Медена земја“ на фестивалот „Санденс“, каде освои три награди, првата затворена домашна проекција ќе биде на 12 и 13 март на фестивалот Македокс. Американската компанија за дистрибуција на филм „Неон“, ќе биде дистрибутер на филмот во Северна Америка. Целта на филмот е јакнење на свеста за зачувување на природата и фер искористување на природните ресурси.

– Фирмата што не застапува успеа да склучи договор со огромна компанија за дистрибуција на филм во Северна Америка „Неон“ што се обврза дека ќе го дистрибуира филмот во кината низ цела Америка. Во договорот стои дека ќе имаме проекција во барем 15 градови, а бројката може да стигне до 50 градови и верувам дека ќе имаме милионска кино публика, посочи Атанас Георгиев продуцент и монтажер на „Медена земја“ на денешната прес-конференција.

Очекува наскоро да има резултати за кино-дистрибуција и во Европа што е, како што кажа, доста значајно за еден документарен филм. Филмот доби награди за најдобар документарен филм, најдобра кинематографија и специјално признание од жирито за влијание за промена.

– На фестивалот Санденс, според оние критики што ги добивавме на проекциите знаевме дека некоја награда ќе земеме, па си викаме можно ли е да земеме две награди, зошто ни кажаа дека тоа многу ретко се случувало, но за три не очекувавме никако, додаде Георгиев.

За пораката што сака да ја испрати овој филм, режисерката Тамара Котевска појасни дека проектот, кој почнал како истражување, на почетокот требал да биде краток документарец за зачувување на природата околу реката Брегалница прераснал во вистинска човечка приказна што носи силна порака.

„Медена земја“, филм сниман во распон од три години, раскажува приказна за последната жена – одгледувач на диви пчели во Европа, која се обидува да ги спаси пчелите и природниот баланс во природата, кога семејството на номадски пчелари се населува на нејзината земја и ја загрозува егзистенцијата. Документарецот е во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“, реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата на Македонија-проект на Швјацарската агенција за развој и соработка, координиран од „Фармахем“, а поддржан од Агенцијата за филм.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/02/2019 16:38