Издание во пет тома на македонски и на англиски јазик „Клучните концепти во кинеската мисла и култура“ објави „Македоника литера“. Серијата ги содржи најсуштинските мисли, концепти и фрази создадени во неколку милениуми од кинескиот народ, кои и денес се од суштинско значење за кинеската филозофија, хуманистичкиот дух, начинот на размислување и вредностите.
-Ова е серија за кинеските мудрости, односно цитати и појаснувања од кинеската класична и современа мисла кои се однесуваат на класичната кинеска филозофија, литературата, уметностите, културата, историјата и традицијата, односно серијата претставува сублимат од кој може многу добро да се запознае кинеската цивилизација. Овие „Клучни концепти на кинеската мисла и култура“, всушност, го даваат клучот зошто кинеската цивилизација е најдолгата жива цивилизација и зошто и денес е многу моќна и просперитетна, соопшти издавачот.
Секој том содржи по сто клучни мисли, за кои се дадени концизни објаснувања, поткрепени со цитати поврзани со клучните мисли. Покрај предговор на три јазици (македонски, кинески и англиски), секој том содржи и прилози: список на клучните мисли, куса хронологија на кинеската историја.
„Македоника литера“ овој проект го реализира во соработка со ФЛТРП од Пекинг, еден од трите најголеми кинески издавачи. Предвидено е проектот да има девет тома. Кинескиот издавач неодамна го објави шестиот том, што „Македоника литера“ ќе го објави во април годинава, а ќе ги објави и останатите три тома набргу по објавувањето на оригиналните изданија. Петте тома, освен на англиски, преведени се и на повеќе од десет јазици, а во Кина и во некои земји веќе станаа бестселери.