Толеранцијата, соработката и разбирањето се гаранција за зачувување на т.н. мали јазици. Опасноста за нив не доаѓа од другите, исто така, мали јазици, туку од доминацијата на англискиот и другите т.н. големи или светски јазици, рече Елена Јованова-Грујовска, директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.
На половина од околу шест илјади јазици што се зборуваат во светот им се заканува исчезнување, а во околу 200 земји се зборува за мали јазици кои се соочуваат со предизвик да бидат зачувани. Во последните три века има изумирање или драматично намалување на бројот на јазици, особено на американскиот и на австралискиот континент.
Институтот се придружи на светското одбележување на Меѓународниот ден со неколку излагања на негови вработени наменети за учениците гости од ОУ „Гоце Делчев“ и гимназијата „Георги Димитров“ од Скопје.
Јованова-Грујовска рече дека независно кој е мајчиниот јазик, тој треба да се негува затоа што преку мајчиниот јазик, рече, се добива основното образование и се осознова културата на светот. Посочи дека во наставата треба да се посвети повеќе внимание на граматиката и часовите да не бидат заменувани во корист на литературата.
-Во програмата тие часови постојат подеднакво и фондот е доволен. Учениците треба да знаат во кои ситуации како се зборува – кога и каде се употребува жаргонот, а кога и каде стандардниот македонски јазик. Така ќе имаме и пописмени ученици кога ќе дојдат на факултет и резултатите на државната матура по мајчин јазик ќе бидат подобри. Срамота е во ова време децата да знаат повеќе граматика на некој светски јазик одошто граматиката на мајчиниот јазик, рече Јованова-Грујовска.
Проф. д-р Веселинка Лаброска изјави дека во образованието треба да се подигне свеста на учениците за важноста од познавањето и негувањето на мајчиниот јазик за преку него да ги научат и другите јазици.
-Мислам дека тоа не е доволно истакнато на часовите по македонски јазик зашто младите генерации денес повеќе гледаат да научат странски јазик отколку мајчиниот и гледаат да ја напуштат државата. На тоа треба да му се посвети внимание, пред сè родителите треба да им го изградат позитивниот став кон мајчиниот јазик, а потоа наставниците и професорите кои за тоа се повикани, рече Лаброска.
Дваесет и први февруари е прогласен за меѓународен ден на мајчиниот јазик од УНЕСКО на 30. Генерална конференција во 1999 година и веќе наредната 2000 година е промовиран како Ден на лингвистичка и културна разновидност и мултилингвизам.
Датумот е избран во спомен на трагичен настан и во чест на студенти од Универзитетот во Дака, кои како учесници на бенгалското јазично движење биле убиени од полицијата на протест на 21 февруари 1952. Протестот бил против одлуката на владата на новоформираната држава Пакистан во 1948 – урду да стане единствен официјален јазик во земјата која била поделена на голем број етнички и лингвистички групи, а најголем број од жителите биле Бенгали со мајчин бенгалски јазик.
Во Декларацијата на УНЕСКО за културна разновидност, меѓу другото, е наведено правото на секоја личност да се изразува и да создава на јазик што ќе го избере, а особено на мајчин јазик.