Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп го пофали привремениот тренер на Манчестер Јунајтед за работата што Норвежанецот ја врши на „Олд Трафорд“ во последните два месеци.

Во недела, „црвените ѓаволи“ го пречекуваат Ливерпул на „Олд Трафорд“ во големото дерби на англискиот фудбал, кое има исклучително значење за амбициите на двата тима.

– Јас самиот сум менаџер и знам дека ние не сме волшебници. Не може да дојдеме на ново место и да кажеме: „не сте добри, но јас можам да ве направам такви“. Ние сепак сме благословени, бидејќи имаме навистина добри фудбалери околу нас, а Оле врши сјајна работа. Се сè сведува на тоа да успееш да го извадиш потенцијалот на тимот и да го подобриш неговиот квалитет. Очигледно е дека тој го направи и тоа го претвора во менаџер за топ клуб, вели Клоп.

Тој потоа ја анализираше играта на Јуанјтед и зборуваше за начинот на кој може да се спротистават на големиот конкурент.

– Ќе видиме како ќе пристапат против нас. Мислам дека тие можат да играат на различни начини. Сега тие играат многу напред, но и нивниот контранапад претставува огромна закана, особено кога Марсијал и Лингард ќе се опорават и почнат да играат повторно. Постојат неколку начини да им подготвиме ребуси кои нема да се лесни за решение, но тоа ќе биде многу физички дуел во кој и двата тима треба да дадат сè од себе, изјави Клоп.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/02/2019 17:58