Ракометрите на Металург денеска од 17.30 часот излегуваат против Стеауа, во меч од 17-то коло во СЕХА лигата.

Избраниците на Данило Брестовац во својот 15-ти меч сезонава во регионалното натпреварување ќе се потрудат да одиграат добар натпревар со желба да ја забележат третата победа сезонава.

– Ова ќе биде уште еден натпревар во кој ќе се обидеме да надиграме далеку поискусен и поквалитетен состав од нас. Без Александер Шпенде во игра ќе биде уште потешко, но верувам и се надевам дека секој од играчите ќе го даде својот максимален придонес за што подобра и поквалитетна игра на нашиот тим, вели Данило Брестовац.

Некогашниот европски првак Стеауа со 18 поени (6 победи и 10 порази) е на шестата позиција на табелата во СЕХА. Металург е претпоследен со само 9 бода и две победи од 14 меча.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/02/2019 13:43