Младата кореографка Адријана Данчевска, која е дел од уметничкиот тим на Скопје танцовиот театар, во Ротердам ја подготвува кратката кореографија „Скеч“.
Данчевска работи на покана на универзитетот Кодартс – Ротердамската академија за танц. Во „Скеч“ настапуваат танчерите Наоми Калвазара, Флавио Кјусисана, Исаја Вилсон, Елведин Силеџич и Елена Нилсен. Оригиналната музика за кореографијата е на Александар Гроздановски, костимите се на Асалија Каџе, во продукција на Кодартс. Кореографијата ќе биде дел од изведувачката програма која компанијата при академијата ја изведува низ Холандија и Европа.
– Многу сум среќна што имам ваква шанса да работам во Холандија на високо професионално ниво. Ова е извонредна можност за нова креација, имам одлична соработка со танчерите и со нетрпение ја очекуваме премиерата. Драго ми е што сум дел од Скопје танцовиот театар, компанија која ги поддржува младите и што ние, кои сме дел од неа, имаме можност да танцуваме на најдобрите светски сцени, а воедно и да се развиваме како кореографи во земјава и надвор од неа, изјави Данчевска.
Адријана Данчевска е дел од новиот бран млади кореографи на Скопје танцовиот театар, првата официјална компанија за современ танц во Македонија. Работи како танчер и кореограф во Скопје танцовиот театар, под уметничко водство на Рисима Рисимкин и е стручен соработник на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Во моментов ги завршува магистерските студии на Универзитетот за аудиовизуелни уметности, ЕСРА, Скопје-Париз-ЊуЈорк, каде и дипломирала во 2014 година на Скопје танцовата академија.
Како танчер Данчевска настапува во редовниот репертоар на Скопје танцовиот театар во Скопје низ земјава и надвор од неа.