Ракометарите на Вардар оваа недела ги очекуваат два натпревара, првиот в среда во регионалната СЕХА лига со Загреб, а вториот в сабота против Монпеље во Лигата на шампионите.

Своите очекувања за дуелот со Загреб на денешната прес-конференција ги искажаа тренерот Гарсија Парондо и бекот Игор Карачиќ.

– Влегуваме во завршите натпревари од групната фаза на двете натпреварувања. Во СЕХА веќе имаме обезбедено „фајнал фор“, но против Загреб сакаме да одиграме што е можно подорбо. Сепак ни следува тешка недела и мора да мислиме и на саботниот меч со Монпеље кој е многу важен за нас, изјави Парондо.

Караќиќ е задоволен од моменталниот пласман на вардарци во двете конкуренции. Во СЕХА Вардар е на делба на првата позиција, додека во ЛШ е трет со можност на крајот на групната фаза да заврши на второто место.

– Со нашите мисли сме кон Монпеље, но мора да се одработи и средбата со Загреб. Хрватскиот шампион има квалитетен состав и сигурно нема да ни биде лесно. Мора добро да се подготвиме и да не дозволиме некое изненадување на домашен терен. Посакувам со две победи да ја заокружиме неделата. Ако некој ни ја понудеше оваа позиција во Лш и СЕХА-лигата пред сезоната, сигурно дека ќе ја прифатевме, нагласи Карачиќ.

Натпреварот Вардар – Загреб се игра в среда (27 февруари) во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 20:15 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/02/2019 13:49