На свеченото доделување на филмските награди „Оскар“, синоќа во театарот Долби во Лос Анџелес, познатите актерки, актери и другите присутни, ја искористија можноста да се покажат во гламурозни модни тоалети на познати светски модни куќи.
Врз основа на тоа што е видено на црвениот тепих, се покажа дека ударна боја во претстојната сезона ќе биде розова.
Фустани во таа боја на црвениот тепих носеа актерката Џема Чан, која беше облечена во розов фустан со карнери од тул на „Валентино“, Хелен Мирен беше во фустан на модната куќа „Скиапарели“ со дијамантски ѓердан, додека ѕвездата на серијата „Старосватици“, Маја Рудолф носеше розев фустан со цветен дезен, наведува лондонски „Гламур“.
Особено внимание привлече добитничката на Оскар за оригинална песна, Лејди Гага. Таа носеше црн миди фустан без раменици од модната куќа „Александар Меквин“ и ѓердан од „Тифани“ од единствен жолт дијамант, вреден 30 милиони долари. Многумина оценија дека нејзиниот изглед асоцирал на Одри Хепберн од филмот „Појадок кај Тифани“.
Блескаше и актерката Шерлиз Терон во светло син фустан со отворен грб и нова фризура – русата коса ја потскратила и ја бојадисала во темно кафена.
Дел од актерките се појавија во блескави фустани, како Џенифер Лопез, која носеше долг фустан со светликави плочки, актерката Глен Клоуз носеше златен фустан, а Емилија Кларк сребрен.
Актерката Констанс Ву носеше жолт фустан на „Версаче“, додека Реџина Кинг беше во бела тоалета.
Меѓутоа, се создаде впечаток дека „најфустан“ носеше – маж.
Впечатлива појава на црвениот тепих беше актерот и пејач Бил Портер, кој на доделувањето дојде со смокинг-фустан до земја, на дизајнерот Кристијан Сириано.
Тој носеше фустан, кој во горниот дел изгледа како сако со бела кошула и пеперушка, што модните експерти го оценија како најекстравагантно негово издание досега.
Рами Малек, кој освои Оскар за главната улога во филмот „Боемска рапсодија“, доживеа мала незгода.
Додека го одржуваше победничкиот говор, тој падна од сцената. Во помош му пријдоа актери и брза помош, но, за среќа, немаш никакви сериозни последици.