По повод 25-годишниот јубилеј на Националниот комитет на меѓународниот совет за споменици и локалитети – ИКОМОС во Македонија Скопје ќе се одржуваат симпозиуми и предавања во сферата на конзервацијата што ќе се одвиваат низ нашата држава. Ќе се повикуваат и надворешни гости кои се исклучително познати за да прикажат некои нови моменти и сознанија од сферата на конзервацијата.
Ова денеска го изјави претседателката на Собранието на Националниот комитет – ИКОМОС во Македонија Скопје Ирена Колиштркоска Настева. Појасни дека ИКОМОС е светска организација за заштита на културното наследство, а нашата ИКОМОС Македонија е формирана пред 25 години, а зад себе имаат резултати од меѓународна соработка и презентација пред домашната јавност.
– Македонија е пребогата со верски објекти, цркви, џамии, со постари објекти што вредат да се споменат, како археолошки наоѓалишта и секогаш на тие објекти им даваме значење. Во случајов, тоа ќе го продолжиме во наредната година, но секогаш ќе нагласуваме дека постоиме 25 години за понатамошна плодна работа и соработка со наши организации, а имаме и донаторски организации што имаат слух за културното наследство, рече Колиштркоска Настева во кино-салата на Музејот на Македонија.
Таа информира дека предложиле неколку проекти на Конкурсот на Министерството за култура за 2019 година, од кои половина им прифатиле и ќе имаат обжалување во одредениот рок.
Претседателот на ИКОМОС Македонија Лазар Шуманов појасни дека конкурирале во две области, заштита на недвижното културно наследство и меѓународна соработка и соработка со УНЕСКО.
Шуманов изјави дека имале средба и со претставници од Фондацијата Отворено општество Македонија, ја презентирале својата работа и побарале поддршка и финансиски средства за повеќе активности.