Љубителите на визуелните уметности, вечер ќе имаат можност да ја проследат самостојната изложба на Анита Огњановска насловена „Длабочина“ во НЛБ Галерија.

– Триесетина дела масло и акрил на платно го прикажуваат патот на еден автор во откривањето на сопствениот свет и пронаоѓањето на својот личен ликовен израз, каде сликарскиот чин е ослободување од внатрешниот порив, интимен и потполно искрен микрокосмос, се вели во соопштението од НЛБ Банка.

Огњановска го напаѓа платното со богата тонска скала и силен контраст, меѓу жолтата и црвената, продираат сината и зелената во силно композициско единство. Слободно ги нафрла боите врз платното, тие се прелеваат и во неконтролирана ерупција избиваат во просторот. Платната бликаат од живост и блескав колорит.

– Кога сликам немам прецизен план, започнувам и сликам спонтано. Сè се случува брзо и страсно во миг, емоциите ме носат и никогаш не знам каде ќе ме однесат. Едноставно го сликам она што го чувствувам. Се препуштам на радоста на сликањето и чувството на слобода. Тоа се моменти, одредено доживување кое е станато длабоко сеќавање и извира од длабочината. Тоа е мојот спонтан, но всушност длабоко интимен свет, вели Огњановска за внатрешниот импулс и ритуалот на сликањето.

Сликарството и личниот ракопис на Анита Огњановска зрачат со сопствена поетика и посебна визуелна впечатливост што овозможува препознатлив печат на нејзините дела.

Изложба ќе остане во НЛБ Галерија се до 19 март 2019 година и ќе биде отворена секој работен ден од 8 до 18 часот и сабота од 8 до 16 часот, се наведува во соопштението.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/02/2019 17:08