Андреј Гугнин, меѓу најдобрите руски пијанисти од новата генерација музички уметници, ќе биде солист на вечерашниот концерт на Македонската филхармонија насловен „Пет става во дур“.

На концертот, кој ќе го води диригентот Даниел Рајскин од Русија, првпат на нашата сцена ќе бидат изведени „Марошек танци“ од Золтан Кодај и Третата симфонија од Петар Илич Чајковски насловена „Полска“. Таа е единствената симфонија на Чајковски со пет наместо вообичаените четири става и поради тоа е избран насловот на концертот.

За македонската публика Гугнин ќе го изведе елегичниот Концерт за пијано и оркестар бр. во 2 А-дур од унгарскиот композитор Франц Лист.

Наградуваниот руски пијанист има меѓународна кариера по завршувањето на студиите на Државниот конзерваториум во Москва. Критиката го нарекува „пијанист со брилијантна техника, музичка сензитивност и драматична интерпретација“.

Со Македонската филхармонија тој настапи на „Охридско лето“ во 2012 година, а по гостувањето во Скопје му следуваат и други настапи во Европа, како и во Азија и Австралија.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/02/2019 17:18