По повод 8 Март, во Чифте амам ќе биде поставена тематска изложба „За неа“ со околу 70 дела инспирирани од жената, кои Националната галерија на Македонија ги има во својата колекција.
-Соочени со темите од историјата на уметноста каде жената е постојано присутна, од предисторијата преку антиката, хуманизмот и ренесансата, па сè до модернизмот и рецентноста, во македонската и регионалната модерна и современа уметност среќаваме сцени каде жената е непресушна инспирација за уметниците. Со почит кон светскиот ден на одбележувањето на борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност, на изложбата ќе бидат претставени дела на уметниците низ чија призма на гледање е претставена жената во сета своја убавина како мајка, идеал, борец, инспирација, љубовница, посакување…, соопшти НГМ.
Жената како мотив ја има во творештвото на повеќе уметници застапени во збирката на НГМ: Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димо Тодоровски, Борко Лазески, Петар Мазев…, од помладата генерација: Рубенс Корубин, Ацо Станкоски, Тодорче Атанасов…, како и во делата на автори од поранешна Југославија: Влахо Буковац, Тома Росандиќ, Иван Мештровиќ…
Изложбата ќе биде отворена на 7 март во 20 часот и ќе може да се посети до крајот на месецов.