Кинотеката на Макдонија на 22 и 23 март ги ќе прикаже четирите играни долгометражни филмови на режисерот Кирил Ценевски кои дигитално ги реставрираше и ги објави во комплет на ДВД.
На 22 март од 18 часот ќе го прикаже „Црно семе“ снимен во 1971 година според романот на Ташко Георгиевски. Од 20 часот истиот ден е и проекцијата на „Јад“ од 1975 година, за кој Ценевски е и автор на сценариото.
На 23 март од 18 часот е уште еден филм за кој режисерот Ценевски го напишал и сценариото – „Оловна бригада“ од 1980 година, а од 20 часот публиката во Кинотека ќе може да го види и дигитално реставрираниот игран филм „Јазол“ снимен во 1985 по сценарио на Славко Јаневски. Влезниците се по цена од 50 денари.
Во чекор со дигиталната ера, Кинотеката на Македонија пред седум години почна долгорочен проект за дигитализација и дигитална реставрација на националното аудивизуелно наследство.
Покрај целокупното филмско наследство на браќата Манаки, беа дигитализирани и филмските опуси (играните филмови и селекција на документарни филмови) на режисерите Столе Попов и Љубиша Георгиевски, како и документарниот филм „Македонија во слики“ на Арсениј Јовков. Минатата година Кинотеката ги промовираше и реставрираните шест играни филмови на Бранко Гапо. По завршување на процесот на дигитална реставрација, Кинотеката од сите проекти издава и ексклузивни изданија на ДВД.
Проектот почна во 2012-2013 година во лабораторијата во Будимпешта со дигитализација и дигитална реставрација на филмовите од Јанаки и Милтон Манаки – пионерите на филмот на Балканот. Претходно, уште во 1996 година во лабораторијата во Будимпешта, Кинотеката направи аналогна заштита на нивниот целокупен филмски опус.
Во чест на Манаки Кинотеката во вторник (5 март) од 20 часот премиерно ќе го прикаже документарниот филм „Манаки – приказна во слики“ во режија на Роберт Јанкулоски, а ќе биде отворена и изложба на реставрирани фотографии на браќата Манаки.
Мартовската програма на Кинотеката почнува денеска со програмата „Месец на европски филм“ која вечер од 18 часот ќе биде отворена со македонскиот игран филм „Копање“ во режија на Ивица Димитријевиќ и Мартин Иванов.