Невработените и работодавачите да поднесат апликации за една од седумте активни мерки и програми опфатени со Оперативниот план за вработување на Владата, апелира денеска кумановскиот Центар за вработување.

Од почетокот на објавувањето на планот, невработените кумановци веќе почнуваат да се интересираат за мерката поддршка за претприемништво.

-Оваа програма нуди директен грант за набавка на опрема и репроматеријали од 246.000 до 307.500 денари за почнување сопствен бизнис. Ако две невработени лица имаат иста заедничка бизнис идеја добиваат 615.000 денари со што формираат друштво со ограничена одговорност, појаснува раководителката на Центарот, Марија Димитриејвска.

Годинава, бизнисите што ќе бидат препознаени како иновативни ќе можат да добијат поддршка и од Фондот за иновации и технолошки развој и советодавна поддршка во првата година.

Интерес има за мерката субвенционирање плати со која на работодавачите им се нуди можност за директна субвенција од 57.000 денари до 228.000 денари за ново вработување. Меѓу најбараните мерки е и практикантството со која годинава може да бидат опфатени и лицата кои завршиле основно образование.

-Објавен е јавен повик до заинтересираните работодавачи, занаетчии, како и до невработените лица кои сакаат да стекнат практични искуства за бравари, пекари, слаткари и автомеханичари. Преку оваа мерка невработените до шест месеци ќе може да стекнат соодветни практични знаења и искуства и ќе добијат 9.000 денари бруто надоместок. Волкав надоместокот е предвиден и за лицата што ќе бидат ангажирани во мерката практикантство, информира Димитријевска.

Во тек е и мерката обука кај познат работодавач, преку која им се нуди можност за креирање струен кадар, а невработените добиваат бруто месечен паричен надоместок од 9.000 денари.

Во тек е и јавниот повик за обука за стручни квалификации според барања на работодавачите. Ќе ја спроведуваат овластени провајдери во период од два до четири месеци, а невработените лица за време на обуката добиваат паричен надоместок во бруто износ од 9.000 денари.

Општината може да аплицира и за мерката „спроведување јавни работи“ со што се ангажираат лица со ниски квалификации за проекти од инфраструктура и заштита на животна средина.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/03/2019 15:02