По поразот од Мешков со 32-30 вечерва во СЕХА лигата, тренерот на Вардар, Роберто Парондо изјави дека тешко е да се одиграат два натпревари со ист ритам и приод, како што беше случај против Монпелје, но и дека поразот не е многу значаен, со оглед на веќе обезбедениот пласман во „Фајнал фор“ турнирот на регионалното натпреварување.

– Мешков Брест е квалитетна екипа која денеска играше со голем интензитет. Противникот ја посакуваше победа бидејќи му беше максимално потребна, а ние не одигравме како што требаше. Тешко е да се одиграат два натпревари со ист ритам и приод, како против Монпелје. Сега треба да се подготвиме за следните средби и да се фокусираме за следниот период во кој ни следуваат тешки натпревари. Ова не беше толку лош пораз за нас, ние веќе бевме пласирани на Ф4 турнирот во СЕХА, изјави Шпанецот по мечот.

Ова беше трет пораз за „црвено-црните“ сезонава во СЕХА лигата, а докрајот им остануваат уште две гостувања кај Нексе и кај Извиѓач, по што ќе се знае и кој ќе биде нивниот ривал во полуфиналето на „Ф4“ турнирот.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/03/2019 19:52