По повод деведесетгодишнината од раѓањето на академик Матеја Матевски, „Матица македонска“ објави избор од неговата поезија, насловен според неговата позната стихозбирка – „Дождови“. Деведесет песни од богатиот опус на авторот се застапени во овој избор што го подготви поетот Раде Силјан.

-Матеја Матевски (Истанбул, 1929 – Скопје, 2018) припаѓа во редот на челниците на современата македонска литература. Во изминатите децении на богата и континуирана творечка активност тој создаде дела кои го легитимираат како автентична и неповторлива книжевна појава, како стаменит творец, кој во нашиот духовен простор востанови високи естетски стандарди, пишува Раде Силјан во поговорот насловен „Поетските завештанија на Матеја Матевски“.

Матевски е автор на 24 стихозбирки, седум книги со критики и есеи, четири капитални антологии од шпанската, каталонската и галициската поезија, а како пасиониран преведувач на македонски јазик има преведено над шеесет одделни книги од шпански, француски, словенечки, албански, италијански, српски и од други јазици.

Добитник е на голем број национални и меѓународни награди, а во 2011 година ја доби и наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/03/2019 16:37