Никој не очекува земјава преку ноќ да стане Швајцарија, но битно е дека е направен првиот чекор, а тоа е зголемувањето на директните странски инвестиции кои во 2018 година достигнаа до 624,49 милиони евра, што е за 276 отсто повеќе од претходните осум години или речиси двојно повеќе од најдобрата во последните десет години, порача вечерва вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

– Методологијата е иста како и порано и бројките не се ирелевантни. Од 624-те милиони евра 405 се реинвестирана добивка и сопственички капитал, што е подобро или слично како и во претходните години, рече Анѓушев во емисијата „Топ тема на ваша страна“.

Тој посочи дека влијание секако има отворањето на можноста за влез во НАТО, но нагласи дека тоа само по себе нема да донесе раст ако не знаеме да го докапитализираме со добри мерки и градење добра бизнис клима. Посочи дека во економијата не може веднаш да се видат резултатите, туку е потребно време.

Порастот на бројките, потенцира, се резултат на Планот за економски раст што беше презентиран еден месец по доаѓањето на новата влада во јули 2017 година и на донесувањето на законот во мај 2018 година и е постигнат со „0“ средства за промотори, „0“ за роад шоуа и „0“ за провизии.

– Никој со никого не се договара и се е транспарентно. При тоа внимаваме да не правиме нелојална конкуренција на домашните фирми. За инвеститорите е предвидливо што ќе добијат бидејќи има закон и нема потреба од договарање, а новите 4.500 работни места не ја чинат ништо државата сега, туку кога ќе изврши поврат на средства за веќе постигнати резултати, потенцира Анѓушев.

Порача дека дополнителен раст може да се очекува со пораст на приватното градежништво, а при тоа државата да се фокусира само на патиштата, железницата, гасоводите и далекуводите и на ништо друго.

За македонската економија порача дека мора да биде извозно ориентирана, а земјоделството да се фокусира на изградба на откупни центри и производствени капацитети за преработка на земјоделски производи за да му се даде додадена вредност.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/03/2019 02:22