Вчера, министерот задолжен за регулатива за подобрување инвестициска клима за домашни претпријатија проф. д-р Зоран Шапуриќ ја посети компанијата Актива, која се наоѓа во Штип. Во разговор со менаџментот министерот Шапуриќ беше запознаен со производната програма на компанијата. Истата моментално има околу 500 вработени од кои преку 30 инженери, додека пак за своите 19 години постоење, има постигнато обрт од околу 30 милиони евра годишно, од кои околу 70% се остварува од извоз. Инвестициите во компанијата бележат континуиран раст.

Посебно е значајно што Актива произведува делови за финални производи за странските инвеститори, од кои најзначајна е компанијата Ван Хол. Оваа компанија успева да ги исполни високите стандарди кои ги бараат странските инвеститори, па така испорачува не само производи за Ван Хол овде во Република Северна Македонија туку и во Белгија и други земји каде што има производствени погони. Покрај ова, компанијата извезува производи и за други познати компании како Федекс, Фаст Глобал Солушан и други.

Менаџментот на Актива го запозна министерот Шапуриќ дека во изминатата година имаат значајни инвестиции во опрема, хали и инфраструктура и дека во целост ги исполнуваат условите по Законот за финансиска поддршка на инвестициите, бидејќи имаат континуиран раст, како и зголемен број на вработени. Исто така менаџментот на компанијата најави дека наскоро ќе поднесат апликација за добивање на финансиска поддршка.

Министерот Шапуриќ ги презентираше мерките за финансиска поддршка, и изрази задоволство што Мерките за економски раст на Владата на Република Северна Македонија наидоа на заинтересираност кај домашните компании, што е и целта на нивното постоење. Тој истакна дека очекува со ваквата поддршката, која произлегува од Законот за финансиска поддршка на инвестициите, компаниите ќе растат и се развиваат а со нив правопропорционално и нашата економија.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/03/2019 10:06