Зајакнувањето на економската позиција на жените во урбаните и руралните средини како и еднакви можности за активно вклучување на пазарот на труд и раководење со повисоки позиции, може да биде клучно во менувањето на економската моќ на земјата, беше заклучокот на денешната прес конференција во организација на Сојузот на стопански комори, Здружението на бизнис жени и Националната федерација на фармери.
Потпретседателот на Сојузот, Габриела Кулебанова истакна дека согласно податоците на Државен завод за статистика (ДЗС) обработени на годишно ниво за 2017 година, голем процент од работоспособните жени во Македонија не се активни на пазарот на трудот. Така, од работоспособните мажи 53,5 отсто биле вработени, невработени 15,8 проценти, додека, пак, неактивни 30,7 отсто. За разлика од нив, од работоспособното население кај женската популација 34,6 отсто биле вработени, невработени само 9,7 проценти, но неактивни биле високи 55,7 отсто.
„Сето ова укажува на фактот дека жените не само што тешко доаѓаат до раководни позиции, туку дека тие се надвор од пазарот на трудот. Согласно анализите тоа се должи на стереотипната перцепција за улогата на жените во општеството, како и фактот дека голем дел работат во рамките на сивата економија. Дополнително, иако дури една третина од компаниите во државава се основани од жени и официјално жени се назначени на највисоката раководна позиција, во пракса тоа воопшто не е така, поточно е само на хартија, додека таа функција реално ја вршат мажите. Од аспект на застапеност на жените во управувачките структури во компаниите, во нашата земја не постојат релевантни податоци за комплетна анализа. Несомнена е улогата на жените за развој на приватниот бизнис и севкупен економски раст“, истакна Кулебанова и додаде дека неопходно е сите чинители во општеството да се фокусираа на обезбедување на еднакви можности за жените особено на повисоките позиции бидејќи тие често се работна сила на пониско ниво, а во одредени случаи жена со исти работни карактеристики како маж заработува 17,9% помалку , односно жената би морала да работи дополнителни 65 дена за да ја оствари истата плата како и мажот.
Валентина Дисоска, претседател на Здружението на бизнис жени истакна дека економското јакнење на жените преку создавање на поволна бизнис клима и обезбедување поддршка за развој на нивниот претприемнички потенцијал ќе придонесе кон развојот на постоечките и отворање на нови претпријатија, креирање на нови работни места, а со тоа и јакнење на целокупната економија. „Детектирани се најголеми предизвици на жените кога сакаат да започнат деловни потфати, а тоа се пристапот до финансии, до информации, пристап до знаење и вештини за претприемништво, пристпап до бизнис мрежи и ускладување на работниот и семејниот живот. За да се одговори на овие предизвици потребно е: креирање на поволен деловен амбиент за развој на женско претприемништво преку координација во креирање и спроведување на политики за развој на женско претприемништво, понатаму анализа на регулативата која влијае на претприемничката активност на жените како и креирање на статистика за следење на деловната активност на жените.
Притоа треба да обезбедиме системска поддршка за развој на женското претприемништво како, подобрување на пристапот до поволни форми на финансирањe, обезбедување на потребните знаења и вештини, со посебно нагласување на зајакнето присуство на жените во креирање на политики за развој на претприемништво, изјави Дисоска.
Васка Мојсовска, претседател на Националната федерација на фармери истакна дека посебно внимание посветуваат на маргинализираните групи во руралните средини како што се жените и младите, со особен акцент на жените кои се невидливи потпори во руралните средини.
„Само 5% од руралните жени се сопственици на имот и земјоделско земјиште и најголема пречка и понатаму се традиционалните норми каде што се префрла имот на мажите. Највисоки стапки на невработеност се забележани кај младите рурални жени, од кои 59% се на возраст од 20 до 30 години. Околу 64 проценти од руралните жени не се активни на пазарот на труд и најголема причина се негата на децата , неплатената работа во домаќинставата и семејните фарми. Потребни се ефективни, а не дисктиминаторни мерки, како мерката 115 во четири годишната програма за рурален развој 2018 -2021, во која се поставени дискриминаторни услови за поддршка за активен женски член во земјоделското домаќинство, односно се бара жената да е во брак, да има родено едно дете, да е невработено лице, домаќинка и да живее во населено место од 200 жители на надморска височина од 700 метри. Бараме оваа мерка да постои и да се редифинираат условите за апликација , која ќе ги опфати регистрираните земјоделки, истакна Мојсовска и додаде дека потребно е Владата да воспостави сет на економски мерки за зголемување на можностите за вработување на жените во руралните средини, мерки со кои ќе се препознае неплатениот труд на жените за грижа за семејството и земјоделската работа, остварување на правото на пензија и породилното отсуство.
Рамноправноста помеѓу мажите и жените претставува еден од темелните принципи на Европската унија, а еднаквата застапеност на жените и мажите на пазарот на трудот е една од клучните подрачја на кои Европската унија ја проверува примената на принципот на рамноправност. Претприемачкиот потенцијал на жените е неискористен извор за економски раст и вработеност кој треба да се активира.