Северна Македонија како мала земја иако не прави проблеми во однос на стакленичките гасови, сé уште треба да работи на енергетската ефикасност, изјави денеска заменик-министерот Јани Макрадули на работилницата „Подготовка на Национален интегриран план за енергија и клима (NECP)“ за периодот 2020 – 2030 година.
– Како мала земја не правиме проблем во светски рамки во однос на стакленичките гасови, тоа е на втора децимала, но сепак гледано за нашата држава тоа е поприлично многу. За жал, енергетските потреби ги влечеме од енергетски изори кои многу емитуваат стакленички гасови и не сме многу успешни во енергетската ефикасност и во обновливите извори, без разлика што имаме повеќе сонце отколку оние земји со помалку сончеви денови, а користат повеќе обновливи извори, рече Макрадули.
Посочи дека едно од клучните барања на патот на земјава во Европската Унија е и барањето од Европската енергетска заедница, а тоа е, како што рече, дека имаме задача како држава да правиме заеднички план меѓу енергијата и климата, на енергетските потреби да одговориме со исполнување на Парискиот договор, на таргетите на Енергетската заедница, со единствена цел да имаме поквалитетен живот за граѓаните.
Истакна дека постои добра соработка меѓу Министерството за животна средина и Министерството за економија, од која ќе произлезе квалитетен документ што ќе ги трасира следните активности во кој правец ќе се развива пред се економијата преку столбовите на енергетика и клима во земјава.
Зоран Павловски, државен секретар во Министерството за економија рече дека една од основните компоненти на секоја земја е обезбедување на контиунурано снабдување со енергија и справување со климатските промени.
– Ние сме потписнички на договорот за енергетска заедница, Министерството за економија го донесе законот за енергетика уште во 2008 година, а веќе во нацрт фаза е и Законот за енергетска ефикасност и Стратегијата за енергетика до 2040 година. Претстои да ги детектираме сите законски слабости и да пронајдеме начин како да се справиме со овие појави, рече Павловски.
Планот ќе и овозможи на државата на интегриран начин да ги планира своите политики, цели и мерки поврзани со клима и енергија во согласност со препораката 2018/1/МC-EnC од Советот на Енергетската заедница.