Друштвото на писателите на Македонија денеска напладне ќе одржи комеморација за писателот и преведувач Ристо Ѓ. Јачев (1942-2019).
Спомени за него и осврти на неговото книжевно творештво ќе искажат писателите Петко Дабески, Бранко Цветкоски, Весна Мојсова-Чепишевска, Владимир Мартиновски и Иван Антоновски, а ќе бидат прочитани и избрани стихови од поезијата на Јачев.
Поетот, раскажувач, романсиер, драмски автор и преведувач Ристо Ѓ. Јачев во македонската писателска асоцијација членувал од 1967 година, кога ја објавил и првата стихозбирка „Кавал и магија“.
Автор е и на поетските книги: „Смртта на ангелот“; „Подземни сенки“; „Димна гора“; „Болна градина“; „Секнати извори“; „Горница“; „Сопатникот на сеништата“; „Ехо на квечерината“; „Ангел на Христовиот гроб“; „Камена перница“; „Смртни песни“; „Заточеникот на мракот“; „Велестовски ноќи“; „Вакафска земја“ (поема); „Жедна ноќ“; „Белиот светец“; „Студен мрак“; „Зборови и солзи“; „Под златната шума“; „Редење на времето“; „Помнам“ и „Тагата на славејот“.
Објавил и неколку прозни дела – романите: „Кукла“; „Јаков“; „Патот на ангелите“ (трилогија); „Алексеј“; „Синот на свештеникот“, новелата „Вечерни ветрови“, како и драмскиот текст „Моите соништа“.
Во Радио Скопје (Македонско радио) Јачев работел како новинар и уредник до крајот на својот работен век.