Германската компанија „Герешајмер“ АГ ќе гради фабрика за медицинска пластика во Технолошко индустриската развојна зона (ТИРЗ) Скопје во која ќе се вработат 400 лица од кои речиси 100 инженери. Изградбата на фабриката ќе се реализира во пет фази и по завршетокот ќе биде најголема директна странска инвестиција во земјава.

Градбата ќе почне во првата половина на 2019 година, а според најавите кон средината на 2020 година треба да почне производството на пластични системи за фармацевтската индустрија и секторот за медицинска технологија.

-Ова е втора инвестиција која доаѓа по потпишувањето на Протоколот за НАТО. Тоа значи дека инвеститорите ја препознаваат земјава како стабилна и сигурна дестинација за своите вложувања. Работевме напорно за да креираме позитивен економски амбиент, а посветено работиме на привлекувањето нови реномирани странски инвеститори и на одржување добри контакти со постојните, како и на поттикнување на домашните компании да ги прошируваат своите капацитети и да инвестираат во нови. Ре3зултат на нашата работа се нови 18 директни странски инвестиции од почетокот на мандатот, рече премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција во Владата.

Тој посочи дека станува збор за една од највредните странски инвестиции во земјава и додаде дека компаниите како „Герешајмер“ со високо ниво на технолошки процес се добредојдени во земјава.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев посочи дека напорно работат за отворање на простор за инвестирање во земјава и додаде дека се надева оти инвестицијата на „Гересхајмер“ ќе биде една од многуте што ќе се случат годинава.

-Компанијата „Герешајмер“ е формирана во 1864 година со промет од 1,3 милијарди евра и 50 фабрики во 13 држави во Европа, Азија, Јужна и Северна Америка. Ова е нивната прва фабрика во Југоисточна Европа и ние сме благодарни што одлучија да инвестираат кај нас во конкуренција на Србија и Романија. Тоа покажува и докажува дека сме најатрактивна локација во регионот што сериозно е поддржано со стабилноста на државата што ја гарантира влезот во НАТО, посочи Анѓушев.

Посочи дека фабриките на „Герешајмер“ се високотехнолошки со мехатронички системи за производство на апликатори за инсулин, инхалатори за астма и апарати а мерење на шеќер во крвта.

Најави дека во наредниот период ќе се објават нови странски инвестиции кои по потпишувањето на протоколот за НАТО потврдија дека ќе инвестираат во земјава, но се чека тие сами да го објават тоа.

-Верувам дека до крајот на годинава ќе може да се пофалиме со 30 фабрики во градба. Во моментов имаме дваесетина вклучително и на „Герешајмер“. Неколку веќе имаат потврдено дека ќе градат, а разговараме со уште десетици. Верувам дека во 2019 година ќе има повеќе од 624 милиони евра директни странски инвестиции колку што имаше лани, рече Анѓушев.

Во видео обраќање извршниот директор на „Герешајмер“ Дитмар Зиемсен рече дека нивната инвестиција во фабриката во Скопје ќе биде со двоцифрена бројка на милиони евра.

– Ќе градиме нова фабрика во Скопје како дел од нашата стратегија за проширување во Европа. Северна Македонија е идеална локација за проширување на нашето производство. Земјата нуди добра инфраструктура, ниски трошоци и обучен персонал, како и одлична поддршка од властите, рече Зиемсен.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/03/2019 17:22