Делчевскиот сатиричар Миле Ѓорѓијоски освои прва награда на Интернационалниот фестивал на афоризам и карикатура „Струмица 2019“. Наградата од Домот за култура „Антон Панов“ на Ѓорѓијоски свечено ќе му биде врачена в понеделник за време на фестивалот.
-Ова е фестивал на кој досега имам освоено повеќе награди, меѓу кои три сребрени и три бронзени плакети, а највисокото признание „Златна плакета“ вторпат го добивам од жирито на овој реномиран фестивал на афоризам и карикатура во Струмица, истакна Ѓорѓијоски.
На дваесеттиот фестивал за афоризам и карикатура Ѓорѓијоски ја освои наградата во конкуренција на афористичари од цел Балкан и од Русија.
Ѓорѓијоски неодамна во Србија беше прогласен за „Екселенција сатира“ освојувајќи ја наградата во чест на српскиот писател Радое Домановиќ.