Со програма насловена „Бдеење пред муграта“ што вчера попладне се одржа на Спомен костурницата од НОВ во Велес, каде меѓу стотината борци почива и Коста Солев Рацин, започна програмата на 57-те Детски Рацинови средби што ги организираат Општина Велес и МДПС „Премиера“.

Програмата продолжува денеска во 10 часот со дефиле „Цветен пат за Рацин“ на кој ќе учествуваат најмладите - децата од градинките, а ќе се одржи пред споменикот на Кочо Рацин во Гимназијата која со гордост го носи неговото име.

Утре - сабота во 13,30 часот во салата на локалната библиотека „Гоце Делчев“ ќе биде свеченото доделување на наградите по распишаниот литературен и ликовен конкурс за основците и средношколците од земјава. Овие ученици - учесници на Рациноците средби, литературни и ликовни творци се продолжувачи на творештвото на Рацин.

Детските Рацинови средби се еден од симболите на Велес, што веќе 57- ма година континуирано се одржува во чест на големиот македонски поет и револуционер Коста Солев Рацин кој е роден и живеел во Велес во грнчарското семејство Солеви во стариот дел на градот. Неговата родна куќа е Спомен куќа на Рацин која е најпосетувана од домашните и странски туристи на Велес,а се посетува и за време на Рациновите средби од страна на учесниците и домаќините.

На колцето на кое работел и Рацин во изминатите години за основците се одржуваше и грнчарска работилница.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/11/2024 15:04