Растот на БДП од 3,7 проценти во четвртиот квартал од 2018 година и рекордното намалување на невработеноста на 19,4 отсто што го евидентира Државниот завод за статистика се резултат на позитивните економски политики и на спроведените мерки. Очекувам светла иднина за македонската економија, порача денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

-Растот во 2018 година е цело време позитивен и тоа кажува дека точно знаеме што правиме и во кој правец ја носиме економијата и оти се случува она што го најавивме. Тоа кажува дека посветеноста на Владата, точната визија, добро одмерените мерки во економијата во сите сектори веќе ги даваат очекуваните резултати, рече Анѓушев на денешната прес-конференција во Владата.

Тој нагласи дека невработеноста во изминатата година се намали за нови 3,6 проценти што во апсолутна бројка значи креирање и отворање на нови 26.600 работни места.

-Важно е што градежништвото се врати во својата нормала и има раст од фрапантни 19,6 проценти. Кај финалната потрошувачка на домаќинствата има раст од 6,3 проценти, извозот на стоки и услуги пораснал за 23 проценти. Во последните три квартали од годината е забележан раст од над три отсто на БДП, а само во првиот квартал од познати причини е многу низок поради што вкупниот годишен раст е 2,7 отсто што покажува дека е точно проектиран, рече Анѓушев.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески посочи дека забележаниот раст на градежништвото во четвртиот квартал од 2018 година е за преку 20 отсто повисок отколку во третиот квартал.

-Тоа само покажува за силната реализација на капиталните проекти, рече Сугарески и најави дека веќе започна новата градежна сезона што, како што кажа, е добар предуслов за висока реализација на капиталните инвестиции во 2019 година.

Потсети на актуелните проекти што се реализираат и додаде дека се очекува вкупните инвестиции да надминат 1,2 милијарди евра, што,потенцира, потврдува дека градежниот сектор се враќа на посакуваните двоцифрени стапки на раст.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски посочи дека во четвртиот квартал од минатата година е забележан и раст на земјоделството за разлика од претходните квартали кога имаше негативен тренд.

-Тоа покажува дека земјоделството се стабилизира и излегува од континуираната негативна состојба што е резултат на нагорен тренд на зголемено производство и на зголемени обработливи површини, посочи Николовски.

Овоштарството, потенцира, бележи зголемување на обработливите површини од 5,8 проценти, во градинарството кај индустриска и конзумна пиперка има зголемување од 40 проценти, а намалување на површините за лубеница и други производи кои имаа сериозен вишок во претходниот период,….

Министерот за економија Крешник Бектеши порача дека со зголемениот раст на БДП во четвртиот квартал се исполнија сите очекувања и се постигна предвидениот раст од 2,7 проценти

-Ме радува што создадовме политики за развој на државата и сега ги гледаме резултатите од нив. Ќе продолжиме во тој правец со цел 2019 година да биде вистинска година за развој на стопанството, посочи Бектеши.

Министерот за финансии Драган Тевдовски посочи дека податоците за порастот на БДП се на добра потврда дека економијата заживува и дека напорите на економскиот тим на Владата даваат резултати.

-Има јасен тренд на интензивирање на реалниот БДП во 2018 година од 0,9 проценти во првиот квартал, забрзување на три проценти во вториот и третиот и потоа 3,7 во четвртиот квартал што е највисок пораст во однос на кој било квартал во последните три години, рече Тевдовски и додаде дека Министерството за финансии се потврди како кредибилна институција со предвидувањето од 2,8 проценти за раст на БДП што е најблиска до остварениот од 2,7 проценти.

Тоа, како што рече, е јасна потврда за зајакнатиот капацитет и посветеноста на Министерството.

-Овие постигнувања се резултат и на фискалната политика како клучна економска алатка на Владата. Нашата фискална политика овозможи поддршка за повисоки плати, за повеќе вработувања и за зголемени инвестиции. При тоа ова е постигнато со дисциплинирана фискална политика, буџетски дефицит од 1,8 проценти од БДП и стабилизиран јавен долг од 48,7 проценти од БДП, рече Тевдовски и додаде дека потрошувачката на домаќинствата се зголеми за 4,6 во четвртиот квартали и за три проценти во цела 2018 година.

Потврда за позитивните економски движења, посочи, се растот на даночните приходи од околу седум проценти и околу осум проценти кај придонесите во јануари и февруари годинава, како и од сите други видови на даноци. Се случува, потенцира, широко базиран раст воден од приватниот сектор за разлика од другите години кога пред се беше воден од државната интервенција. Тоа, додаде, значи дека треба да очекуваме натамошен раст на економијата.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/03/2019 17:50