Годината што измина за сликарот Борис Петров од Гевгелија е многу значајна затоа што при крајот на 1958 година се случила неговата прва самостојна изложба и од тогаш до денес цели 60 години продолжил своите чувства да ги изразува на сликарското платно.

Петров се присети дека било тоа во Србија, во градот Крушевац, каде го служел воениот рок. Тогаш младиот сликар од Гевгелија пред војничките колеги и граѓаните се претставил со 32 дела работени во различни сликарски техники.

Многу добро се сеќава на моментот кога во него се родила идејата за сликање.

-Моите први цртежи беа на обична тетратка со коцки, а цртав на ламба со гас, затоа што струја имаше само до 22 часот. Во моите дела како мотиви најмногу се појавуваат пејсажите од мојот роден крај, од Гевгелија, од Дојранското Езеро, Демиркаписката Клисура, Повардарието. Инспирација ми е нашето поднебје, плодните полиња, ретките природни убавини и богатата народна традиција, вели Петров.

Тој вели дека тоа му останало како аманет од професорот Лазар Личеноски кој му сугерирал да не се двои од родниот крај.

-И бил во право.Јас не можам да сликам надвор од амбиентот во кој сум создаден и во кој сум се формирал како човек, како карактер. Ако би сликал како што сликаат во светот тоа би значело да бидам туѓ и на самиот себе, вели Петров.

Гевгелија била овековечена од многу уметници на сликарските платна на кои се сликале делови од градот, калдрмисани улици, старата чаршија, но малкумина ја имаат насликано Гевгелија како панорама.Токму таа една слика која настанала речиси пред шест децении го привлекува вниманието на гевгеличани и важи за најголема и најрепрезентативна панорамска слика на масло на која е претставена Гевгелија видена од височините на Вардарски Рид.

Автор на сликата е доајенот на гевгелиската сликарска школа Борис Петров кој ја раскажа приказната како настанала оваа слика.

-Беше доцна пролет во 1961 година кога директорот на најголемото трговско угостителско претпријатие во Гевгелија ме замоли да нацртам голема, убава слика на Гевгелија за да може да биде поставена во тогаш најголемата и култна кафеана „Задругар“ во која се одржуваа најзначајните настани и прослави. Долго размислував од каде да ја опфатам Гевгелија онака „цела“ и заклучив дека глетката од Вардарски Рид ќе биде најдобра оти од тоа место се гледа градот како на дланка, вели Петров.

По една недела сликата била готова и кога ја однел кај нарачателот сите ја бендисале бидејќи навистина на платното биле насликани сите зданија, улички, ливади и куќи.

Кога се затворила кафеаната „Задругар“ сликата била пренесена во Собранието на општина Гевгелија, потоа извесен период била во просториите на Радио телевизија Гевгелија за на крајот повторно да се врати во општината каде денес ја краси салата за венчавки, ја заврши приказната за оваа ретка слика нејзиниот автор Борис Петров.

Од 1969 година,Борис Петров е член на ДЛУМ и учесник на многубројни самостојни и групни изложби во земјата и странство. Добитник е на наградата за животно дело ,„7 Ноември“ и уште многу други меѓу кои сепак најдрага му е наградата „Вангел Коџоман“ за мал формат што ја добил од КИЦ Скопје.

За творештвото на Петров, неговиот сограѓанин, писателот Илија Карајанов во една прилика рече сликарот Петров, исправен пред естетиката на времето, ќе ја прифати убавината како единствен излез од ирационалните сили и мрачните лавиринти, затоа што убавото се потврдува низ долгото траење.

Илија Манолов



Автор: Администратор
Објавено на: 09/03/2019 11:37