До 11 април годинава може да се поднесуваат барања за финансиска поддршка за приплодни овци, кози и јуници со педигре, набавени од увоз или од домашни признати организации.

Како што соопшти денеска директорот на Платежната агенција Николче Бабовски, повикот е објавен вчера, а предвидува 50 до 75 отсто поврат на средства за направениот трошок при набавката.

За оваа мерка од Програмата за рурален развој се обезбедени 91 милион денари за разлика од порано кога беа проектирани само 14 милиони.

-Сакаме да покажеме дека навистина се грижиме за сточарството и за зголемување на добиточниот фонд. Повратот на средствата за набавка на приплоден педигриран добиток е максимум 75 отсто зависно во какви услови се одгледуваат грлата, дали се работи за млад или за жена фармер,…, објасни Бабовски.

Новина е тоа што барателите на финансиска подршка најпрво склучуваат договор со Платежната агенција за субвенциите, а потоа ја реализираат инвестицијата со што, нагласи директорот, им се гарантира повратот на средства што не беше случај досега.

Поддршката за набавка на приплодни грла со педигре не важи само за маторици.

-Апликантите кои биле корисници на финансиска поддршка за набавка на трактори преку ИПАРД или националните програми во претходните пет години, не се прифатливи како корисници на оваа мерка, потенцира Бабовски.

Тој потсети дека Платежната агенција изминатите три недели исплати над 35 милиони евра на 72.000 лица, од кои 26.906 одгледувачи на житни култури, 33.000 одгледувачи на обележани грла, кози, овци, говеда и несилки, 15.000 лозари и 11.428 раноградинари.

-Оваа пракса на навремена неселективна исплата на субвенциите ќе продолжи, подвлече директорот Бабовски.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/03/2019 11:33